Со поголемите деца можеме да разговараме и да чуеме како тие се чувствуваат за да ја видиме нивната перспектива, но не треба да заборавиме дека родителите се тие што одлучуваат, а не децата – вели семејниот советник Стојменовиќ
Воспитниот процес не започнува со раѓањето на детето, туку многу порано пред тоа да се случи, односно со меѓусебните разговори околу ставовите, вредностите што сакаме да ги пренесеме, принципите и правилата – вели психологот Бојана Стојменовиќ. Усогласувањето на двајцата родители во однос на предизвиците околу воспитувањето на децата е најчест конфликт помеѓу партнерите, додава семејниот и системски советник и основач на советувалиштето „Мој психолог“.
И „најсовршениот“ родителски договор да биде приспособен на темпераментот и карактерот на детето
Со Стојменовиќ поразговаравме за тоа како да се стигне до заеднички јазик кога двајцата родители имаат различни ставови за важни работи во однос на воспитувањето на децата.
– Јас во мојата пракса од работата со родителите немам сретнато родители што апсолутно за сѐ се имаат согласено (и се согласуваат) околу воспитниот процес, а најчесто среќавам родители кои се подготвени да направат компромис во интерес на детето. Најчестиот конфликт помеѓу партнерите е токму овој, кога тие ќе станат родители и ќе треба да се усогласат во однос на предизвиците околу воспитувањето. Често им предлагам да направат родителски договор во кој заедно ќе се повикаат на важните аспекти од родителството и за кои ќе се согласат – вели Стојменовиќ.
Компромисот е важен аспект кога двајцата родители не се согласуваат околу една работа во однос на своите деца.
– Секако, ќе има одреден аспект за кој нема да се согласат и тогаш треба да се разговара што во такви ситуации. На пример, едниот родител сака детето да се храни само здраво, додека пак другиот смета дека детето не треба да има какви било ограничувања во однос на храната. Во пример како овој или сличен на него предлагам родителите да направат компромис, да речеме, детето ќе има претежно здрава исхрана, но со одредени исклучоци (за викенди, забави, родендени и сл.) – вели психологот.
Бојана Стојменовиќ
Таа објаснува дека е сосема во ред родителите да имаат различни ставови во однос на родителството, тоа не ги прави помалку добар родителски пар, тоа значи дека ќе треба повеќе да се повикаат на заеднички договор, подготвени на компромиси и функционални решенија во интерес на детето.
Децата се збунети и потешко им е да се самоконтролираат, саморегулираат и секако не знаат што да очекуваат од родителите тогаш кога не се постигнува родителски договор.
– На пример, ако за одредена постапка детето од едниот родител се казнува, а другиот родител на истата ситуација не реагира, па дури и застанува во одбрана на детето – во овој случај детето е најмногу збунето. Од една страна, не му е јасно зошто неговата постапка предизвикува лутина кај едниот родител и притоа добива казна, а кај другиот родител грижа и љубов и притоа добива утеха; од друга страна, детето е сведок како едниот родител го дисквалификува другиот – вели Стојменовиќ.
Таа објаснува дека многу е важно „најсовршениот“ родителски договор да биде приспособен на темпераментот и карактерот на детето и никогаш да не се заборави дека целиот тој процес е во интерес на детето, а не нивна его-борба.
– Детето не е продукт, туку живо битие кое родителите треба да го стимулираат во развојот и да го насочат. Со поголемите деца можеме да разговараме и да чуеме како тие се чувствуваат за да ја видиме нивната перспектива, но не треба да заборавиме дека родителите се тие што одлучуваат, а не децата – завршува семејниот советник Стојменовиќ.
912