Тимската работа е важна во текот на целата подготовка на проектот, а не само за време на натпреварот. Во нашиот тим се знае точно кој на што работи, имаме листа со правила кои ги почитуваме, на пример: да не се караме, да не користиме лоши зборови, да ги почитуваме идеите на другите, да нема дискриминација и секогаш да си помагаме едни на други, вели 12-годишниот Матеј, член на нашата лего-репрезентација

Десет момчиња и едно девојче, сите вљубени во роботиката и во бескрајните можности на играта со лего-коцките, секојдневно трошат од своето слободно време за да се подготват за Светското првенство во Либан, кое ќе се одржи од 14 до 16 јуни. First lego league e меѓународен натпревар во едукативна роботика кој се одржува во повеќе од 98 земји, а годинава учествуваат 40.000 тима. Темата годинава е „Into orbit“ („Во орбитата“), каде што деца на возраст од 9 до 16 години можат да се покажат во три фази на натпреварот.

Македонскиот тим се вика „Space walkers“ и се состои од: Јован Стојковски, Марко Ангелов, Симон Божиновски, Иван Илијевски, Габриел Гбадамоси, Лука Атанасовски, Стефан Крстевски, Мина Манасијевиќ, Матеј Додевски, Лео Ангелов и Давид Топчиевски, кои се ученици од петто до деветто одделение во неколку скопски училишта. Истиот тим учествуваше на финалето на „Адриа лигата“, кое се одржа во Целје, Словенија, каде што доби награда за најкомпактен тим. Токму оваа награда ги донесе чекор поблиску до Светското првенство во Либан.

Часовите се многу забавни 

Запознавме две од талентираните деца што се посветени на оваа област.

Јован Стојковски е ученик во деветто одделение во ОУ „Ацо Шопов“ од скопската населба Радишани. Вели дека напорно работат за да го надградат роботот и да го подобрат нивниот проект на тема „Како да ги заштитиме астронаутите од радијација во вселената“. Добиле и нови идеи, вели Јован.

– Оваа награда ја добивме затоа што работиме тимски. Нашиот тим има 10 члена и секој има одредена задача, затоа е многу важно да се биде тимски играч. Се интересирам за лего и роботика уште од мал. Секогаш сум се воодушевувал на работите што можат да се изградат од лего-коцки. Би сакал мојата идна професија да биде поврзана со роботиката – вели тој.

Матеј со своите другари од лего-тимот

Матеј Додевски е седмо одделение во училиштето „Јахја Кемал“ од Скопје. Не крие дека е возбуден пред големиот предизвик.

– Многу се радувам бидејќи, иако многу посакувавме, не очекувавме дека ќе стигнеме до Светското првенство. Исто така, многу сум возбуден бидејќи првенството се одржува во Либан, во градот Библос, кој е познат како најстар град во светот. Морам да признам дека подготовките се напорни. Имаме часови по неколку пати во неделата и по неколку часа во денот. Често не знаеме што е викенд. Но, часовите се многу забавни и сите работиме како тим. Нашите ментори се многу посветени и даваат сѐ од себе за да успееме – вели 12-годишниот Матеј.

Тимската работа е една од најважните работи на ваков вид натпревари.

– Има посебни тимски игри преку кои судиите гледаат како работиме како тим. Тимската работа е важна во текот на целата подготовка на проектот, а не само за време на натпреварот. Во нашиот тим се знае точно кој на што работи, имаме листа со правила што ги почитуваме, на пример: да не се караме, да не користиме лоши зборови, да ги почитуваме идеите на другите, да нема дискриминација и секогаш да си помагаме едни на други – вели тој.

Лего-коцките се негова љубов од мал, а со роботиката се запознал пред две години кога посетил летен камп.

– Веднаш ми стана интересно и се запишав на редовните часови. Роботиката е многу интересна област и особено е возбудливо тоа што имаш чувство како да си во иднината. Ова е дефинитивно нешто што би сакал да го работам во иднина – амбициозен е Матеј.

Особено внимаваме на тимските вредности

Нивниот ментор Жарко Поп-Илиев ни објаснува од кои три дела е составен овој натпревар. Станува збор за: основни вредности (core values), Robo game и иновативен проект.

Марко Ангелов

– Делот од натпреварот Основни вредности има цел да ги научи учениците за вистинските вредности на тимската работа и заедно да соработуваат. Ги учи да почитуваат и да сослушуваат секого, како и да имаат позитивен пристап кон решавањето проблеми, да се опуштат и забавуваат, да се дружат, да помагаат на други тимови, бидејќи во тоа е суштината на целиов овој натпревар. Robo Game – дизајнирање робот со помош на LEGO Mindstorm елементи и програмирање на истиот за автономно движење низ масата за натпреварување, на кој однапред му се зададени препреки и мисии кои треба да ги помине. Ние го дизајниравме нашиот робот „Стеминатор“, кој доби награда за најдобар дизајн на натпреварот на Првата лего-лига на Македонија – вели Поп-Илиев.

Во иновативниот проект тимовите треба да им помогнат на астронаутите со некој проблем со кој тие се соочуваат при престојот во вселената.

– Иновативен проект – оваа година имавме задача да им помогнеме на астронаутите со некој проблем со кој тие се соочуваат при престојот во вселената. Нашиот тим се фокусира на проблемот на радијацијата со кој се сретнуваат астронаутите кога ќе ја напуштат Земјината орбита, решение со кое се консултиравме со експерти од НАСА и го привлековме нивното внимание. Ова го разбуди истражувачкиот дух и ги научи децата да размислуваат надвор од рамките – вели Поп-Илиев.

Тимот на деца работи од септември. Поп-Илиев истакнува дека посебно внимание посветиле на јакнење на тимските вредности, но и за време на подготовките на роботот и проектот секое дете си го нашло своето место во тимот, пред сѐ, според својот афинитет.

Тимската работа е најважна за овие натпревари

– Врз основа на искуството од Словенија, каде што бевме прогласени за најкомплетен тим, иако влеговме во 500 деца кои ќе учествуваат на Светското првенство во Либан, сепак, увидовме одредени недостатоци кои, пред сѐ, се должат на нашето неискуство. Затоа, напорно работиме кон отстранувањето на тие грешки. Дизајнот на роботот го преправаме и имаме одредена замисла како сакаме да изгледа, цел ни е да биде во боја на знамето на Mакедонија, но исто така редизајнираме и репрограмираме за да успееме да го поминеме најдобриот европски резултат годинава, па така целта ни е да освоиме 360 поени во роботската игра – вели Поп-Илиев.

Тој објаснува дека посебно внимание посветуваат на проектот.

– Ова за нас е голем предизвик бидејќи годинава темата е поврзана со проблемите на астронаутите при престојувањето во орбитата и такво познавање локално во Македонија нема. Затоа успеавме да контактираме со НАСА и SPACEX и оттаму да добиеме повратна реакција на проектот и насоки во кои треба да го доразвиеме. Но, најважно е тоа што децата ова не го сфаќаат како товар, туку навистина уживаат и се забавуваат – истакнува менторот.

Тимот што победува

Патувањето во Либан ќе чини скапо и сѐ уште се бара финансиска помош за да се реализира.

– Организаторите не покриваат никакви трошоци. За патувањето во Словенија самостојно, со сопствени средства и со средства на родителите, успеавме да ги покриеме трошоците. За Словенија најдовме спонзор кој покри дел и многу сум благодарен што имаа разбирање за нас. Сега Либан е посебен предизвик бидејќи е потребно да се покрие котизација по дете, која воопшто не е симболична, патни трошоци кои се зголемуваат со тоа што треба да носиме специфична опрема, а и самиот престој. Досега добивме ветување од Фондот за иновации и технолошки развој дека ќе помогнат околу патните трошоци и многу им благодариме за тоа, така што ние сме фокусирани кон изнаоѓање средства за покривање на другите работи. Би го искористил и ова интервју да повикам за некаква помош од страна на другите институции за да му се претставиме на светот во најдобро светло и да докажеме дека и кај нас има доволно квалитет, знаење и потенцијал – вели Поп-Илиев.



912

X