Ако ме прашавте кога знаев дека повеќе нема да имам деца, ќе ви речев: „Знаев дента кога го донесов мојот син дома од болница, дента кога постпородилната депресија ме погоди како ураган од прва категорија“.
По една година откако станав мајка, бев на педикир и седев до жена која ме праша дали имам деца. Ѝ реков дека имам едногодишен син. Потоа ми го постави прашањето како и повеќето луѓе: „Кога ќе имаш второ?“ Ѝ реков дека нема да имам – оти со сопругот сме решиле дека едно е доволно и дека тоа е правилната одлука за нашето семејство. Се чувствуваме целосни.
Не знам зошто имав чувство дека треба да ја правдам мојата одлука пред целосен туѓинец. Претпоставувам дека не сакав мојот одговор да биде пресретнат од вообичаеното: „Ќе се премислиш“ или „Што мислат твоите родители? Зарем не сакаат многу внучиња?“, „Не мислиш дека треба да има брат или сестра со која ќе може да си игра?“ Но, таа ме изненади. Ми одговори: „Понекогаш кога креираш ремек-дело, нема смисла да се црта друго“. Кога велиш дека имаш едно и е доволно, не секогаш наидуваш на прифаќање.
Го направив најдобриот избор за моето семејство. Сакав да бидам најдобрата мајка што можам да му бидам на мојот син и тоа значеше да се грижам и за сопственото здравје.
Избрав да му дадам среќна, здрава мајка наместо брат или сестра. Кога Мејсон наполни една година, конечно се чувствував самоуверена и среќна како мајка. Чувствував дека сум стигнала далеку. Немаше веќе бремености, фази на новороденчиња, недостиг на сон и шишенца со адаптирано млеко. Сакав само да продолжам напред, да се развивам како мајка и тој да продолжи да расте.
Не сакав, исто така, повторно да страдам од постнатална депресија. Веќе пропуштив толку работи во првата година и одбивав да пропуштам уште повеќе. Исто така, тој би бил доволно возрасен, па би гледал како неговата мајка страда. Моето бебе прерасна во независно, храбро, силно, друштвено 5-годишно момче со емпатија и сопствено мислење. Тој е моето ремек-дело. Горда сум на нас двајцата. И на повеќе површно ниво, редот во авионот ни одговара совршено.
Автор: Џен Шварц
912