Здравје

Намалете го шеќерот во исхраната на вашите деца

Количината на шеќер во храната за бебиња треба да се намали, а родителите треба на малите деца да им даваат повеќе зеленчук за да спречат развој на желбата за благо, пишува во истражувањето на здравствените експерти.

Истражувањето покажува дека храната за бебиња на која пишува „без додаден шеќер“ често содржи шеќер, мед или овошен сок.

Од Кралскиот колеџ за педијатрија и здравје на децата велат дека родителите треба да нудат и горчливи вкусови бидејќи тоа ќе ги штити децата од уништување на забите, лоша исхрана и дебелина.

Во извештајот се наведува дека владите треба да воведат задолжителни граници за количината на шеќер, вклучувајќи го и шеќерот во овошјето и во детската храна. Освен тоа, на бебињата не треба да им се даваат слатки пијалаци. Наместо тоа, треба да консумираат шеќер во природна форма, како што се свежо овошје, млеко и незасладени млечни производи.

Професорката Мари Фјутрел, раководител на истражувањето за исхрана на децата на Кралскиот колеџ за педијатрија и здравје на децата, вели дека производите за бебиња често имаат висок процент на овошје и сладок зеленчук.

– Пасираната или течната детска храна спакувана во кеси исто така има висок процент на шеќер – вели таа и додава дека доколку детето ја вшмукува храната од кесичка, подоцна потешко ќе научи да јаде со лажичка.

– Храната за бебиња може да биде означена дека нема шеќери, но шеќерот од овошјето исто така влијае врз забите и метаболизмот – вели таа.

Таа вели дека бебињата имаат склоност кон послатки вкусови, но родителите не треба да го поттикнуваат тоа.

– Бебињата имаат желба да пробаат различни вкусови, ако им се даде шанса – вели професорката и додава дека е важно тие да се запознаат со различни вкусови, па треба да јадат брокула и спанаќ уште од мали нозе.

Таа наведува дека родителите треба да учат за влијанието на шеќерот на детскиот организам.

– Вишокот шеќер е еден од водечките виновници за уништување на забите. 23 отсто од 5-годишниците имаат проблеми со забите – вели таа.

Внесувањето на шеќерот придонесува децата да станат дебели.

Научниот советодавен одбор за исхрана препорачува шеќерот да не сочинува повеќе од 5 отсто од дневното внесување на енергија за оние што имаат две и повеќе години, а уште помалку за деца под две години. Но, резултатите од Националната анкета за исхрана укажуваат дека просечното дневно внесување за децата меѓу 6 месеци и 3 години е 11,3 отсто, што е двојно повеќе од препорачаната количина.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top