Утро е, станувам од кревет и тргнувам кон тоалетот. Влегувам и по завршувањето на утринската хигиена, ја ставам облеката за перење. Штом почна циклусот, слушам некој чуден звук. Имам чувство дека во машината за перење има некој чевлар кој прави нови чевли. Веднаш снимам видео и му го испраќам на татко ми, кој е одличен мајстор. Би можела да ја проучувам машината. Можеби да одам во библиотека да земам книга за тоа како се станува мајстор или да гледам туторијал на интернет. Во секој случај, не знам како да ја поправам машината и барам решение. Првиот чекор во мојата свест беше прифаќањето дека не знам да ја поправам машината. Воопшто не се налутив што не го знам тоа. Зошто и би знаела. Јас сум во сосема друга професија и не се занимавам со поправање на бела техника. Често барам помош од експерти: одам на механичар за редовен сервис, на фризер за скратување на косата, на козметичар за третмани, на стоматолог за поправање на забите…
Доколку сте родител, некогаш сте се нашле во тоа занимање без претходно искуство и надградба. Единствено што имате се методите за одгледување на вашето семејство во кое сте израснале. Со оглед на тоа дека се поразлични времиња во споредба со оние кога вие сте биле мали, а и не би сакале да повторувате некои грешки на своите родители, а и вие сте поразлични отколку вашата мајка (барем засега), сте одлучиле да се информирате. Сте отишле на курс за бремени жени, сте биле кај пријателките, сте читале книги и портали, сте се информирале за доењето, носењето, прегледите, вакцините. Кога ќе родите, ви доаѓаат медицински сестри и ве упатува во процесот. Одите на педијатар по совет и лек. Неколку години подоцна, вашето дете е веќе големо и вие повторно се наоѓате во сосема нова ситуација. За жал, немате веќе време толку да читате или едноставно немате сила и енергија. Можеби се наоѓате во ситуација детето да има некои здравствени тешкотии, ги имате и вие, сте останале без работа, се наоѓате во семејство со еден родител или нешто слично што не сте го преживеале во вашето семејство, па за тоа немате никакво искуство од прва рака.
Кој било облик на стрес може да влијае врз проблемите што ќе ги имаме во своето семејство. Како што и заборавената паричка беше стрес за мојата машина за перење. Сакате ли кога сте во ситуација да не се чувствувате добро како родител и не знаете како да реагирате да побарате стручна помош?
Кога се одвикнуваше детето од пелени имаше мали проблеми со големата нужда. Децата тој процес го сфаќаат драматично и многу фактори се важни за одвикнување. Иако прочитав доста книги, одлучив да побарам помош од стручна личност. За тоа не ви требаат ни пари бидејќи бесплатно на располагање се експертите. Се обратив на психолог во градинката каде што оди моето дете и добив конкретен успешен совет. Целосно верував во нејзиниот совет и бев упорна и доследна. Да одберев кој било совет од литературата, не би била сигурна во него, бидејќи не сум експерт и не знам да ја проценам специфичната ситуација, па можеби би се откажала пред време и покрај правилната метода.
Во денешно време, на родителите им се нудат многу бесплатни предавања од страна на експерти, многу книги, бесплатни семејни советувања, психолози, педагози во градинките и училиштата, телефонски линии за психолошка помош, блогови и слични групи за поддршка на родителите.
На нас останува да признаеме дека некои проблеми не знаеме да ги решиме и треба да се обратиме на експерти веднаш штом ќе се искачиме на првото скалило. На шега луѓето често коментираат дека Хрватите не сакаат да користат упатства за употреба додека не им се случи уредот да не работи. Тогаш проверуваат каде згрешиле. Немојте да се однесувате слично и со своите деца. Иако со нив не добивме никакви упатства за употреба, постојат многу експерти кои со своето искуство и знаење ни се потребни на патот на воспитувањето на нашите деца. Стручната помош нема да ја бараат оние лоши родители, туку оние најдобрите.
Автор: Данијела Миклец, учителка, колумнист