Кога сакаме да ги поттикнеме децата на позитивно однесување, многу родители прво помислуваат на казната како метод на дисциплина. Сепак, според познатиот американски психолог Алан Каздин, наградите се многу поефикасни од казните во обликувањето на детското однесување.

Зошто наградите функционираат подобро од казните?

Каздин, кој е професор и истражувач во областа на родителството, објаснува дека кога детето гледа дека позитивните постапки му носат награди, природно ќе почне да ги повторува тие однесувања. Наместо да се користи казна, која може да предизвика лутина, страв или несигурност, наградите го мотивираат детето да се труди и да биде посветено на одредени задачи.

Клучот е да се развие внатрешната мотивација на детето – да се чувствува гордо и задоволно од сопствените достигнувања, а не само да очекува награда.

Кои награди се најефективни?

Каздин препорачува наградите да бидат приспособени на возраста, интересите и потребите на детето. Некои од најефикасните награди се:

Вербални пофалби – „Супер што си ги собраа играчките сам!“, „Горд сум на тебе што заврши толку брзо и темелно!“ Важно е пофалбата да биде конкретна, а не општа, за детето да разбере што направило добро.

Физички награди – Прегратки, потапкување по грбот или рака на рамото можат да бидат многу моќни затоа што даваат чувство на блискост и поддршка.

Материјални награди – Иако може да бидат корисни, важно е да не се претерува со подароци како играчки или слатки за да не се создаде зависност од надворешен поттик.

Награди во кои е вклучено време – Дополнително време за омилените активности, како гледање цртани, играње со другарчиња или видеоигри.

Систем на бодови или ѕвездички – Детето може да добива ѕвездички за добро однесување, а кога ќе собере одреден број, да добие награда, на пример, дополнително време за игра или некоја привилегија.

Идеи за награди според возраста

Еве некои примери кои Каздин ги препорачува како ефективни награди за деца:

Спиење во „големиот кревет“ со родителите;
Играње друштвени игри заедно;
Одење на пица со семејството;
Помагање околу помладиот брат или сестра;
Посебен десерт;
Одење со мама или тато на работа;
Возење велосипед заедно;
Легнување подоцна навечер;
Дозвола да пушти музика што ќе ја слуша целото семејство;
Декорирање на својата соба;
Кампување во дневната соба;
Заедно правење колачи;
Гледање филм заедно;
Приказна плус за добра ноќ;
Одење на натпревар;
Ослободување од некоја домашна обврска;
Избор на менито за оброк;
Одење на пикник;
Одење на пливање, лизгање или куглање;
Дополнително време на интернет;
Еден час плус останување со пријателите.

Кога се користат правилно, наградите можат да бидат моќен начин за мотивирање на детето, но најважно е тие да го насочуваат кон развој на внатрешната мотивација и личната сатисфакција од доброто однесување.

Извор



912

X