Дали навистина постои „вистинско време“ за да забремените? Како што излегува, секој што ќе го прашате ќе ви даде поинаков одговор, но земете ги предвид овие одговори од мајки што го искусиле тоа и знаат од прва рака.
Да се биде во можност да создадете живот е еден од најубавите подароци што им се дава на жените, но исто така доаѓа со многу гласен часовник што постојано отчукува. Всушност, ќе ви биде тешко да најдете жена која не е свесна за својот биолошки часовник и за тоа дека нејзините шанси за забременување и одгледување семејство се диктирани од него. Но, додека жените се најплодни во своите 20-ти, овој период не е идеално време за многу жени да се справуваат со бременост и родителство. Некои жени не се подготвени ни во раните 30-ти. Затоа, повеќето експерти и мајки се согласуваат дека не постои совршена возраст за забременување.
– Колку сте помлади, толку помалку пари и ресурси имате за да се грижите за дете – вели Венди С. Гудал Мекдоналд, гинеколог од Чикаго.
– Колку сте постари, толку повеќе пари имате, но можеби ќе ви требаат повеќе пари за да платите за помош при забременување, доколку е потребно – вели д-р Мекдоналд и истакнува дека колку сте постари, толку е поголема веројатноста да се најдете во „сендвич генерација“, истовремено грижејќи се за вашите стари родители и за вашите деца.
Секако, оптималното време за жената да забремени е кога таа е подготвена – физички, емоционално, ментално и финансиски, а ова време варира од жена до жена. За да ви помогнеме да одредите која возраст може да е најдобриот период да забремените, експерти и мајки споделуваат мислења за секоја возраст.
Пред да наполните 20 години
Очигледно оваа возраст не е идеална за повеќето жени, но не постои сомнеж дека ова се најплодните години на жената.
– Исто така, имате помала тежина, со што ги намалувате ризиците од компликации од бременоста, како гестациски дијабетес и хипертензија. Иронично, пак, стапката на прееклампсија е највисока во екстремните години – тинејџерки и жени во доцните 30-ти и раните 40-тите, така што ако сте во 20-тите години, постои ризик – вели д-р Мекдоналд. Финансиските проблеми што доаѓаат со подигнувањето дете исто така владеат во оваа возрасна група.
Иако 29-годишната Филиша од Атланта, Џорџија, била омажена кога забременила на 18-годишна возраст, таа вели дека сè уште размислувала како дете.
– Бев крајно емотивна и збунета како да бидам мајка на толку млада возраст. Не сфаќајте ме погрешно, моите деца беа и сè уште се подарок од Бога и ми го променија животот на подобро, но тешко е да бидете родител кога уште треба сами да растете и да созревате – вели таа.
Таа вели дека научила дека бременоста и родителството ќе биле помалку стресни ако почекала малку. Сега вели дека знае повеќе работи, потрпелива е и подготвена да издвои време за да биде родител.
Помеѓу 20 и 24 години
Повеќето жени на овие години сè уште се многу плодни, со 25 отсто шанси да забременување секој месец. Финансиите и понатаму може да бидат товар бидејќи повеќето жени и мажи во раните 20-ти години не се вработени и не се финансиски независни.
27-годишната Бјанка од Орландо, Флорида, имала 20 години кога ја родила својата ќерка и 25 години кога го родила синот. Иако сè уште била на факултет, таа успеала да го заврши факултетот со неверојатна поддршка.
– Бременоста беше многу полесна за моето тело првиот пат бидејќи бев помлада и во подобра форма. Во втората бременост се вработив во маркетинг-индустријата и бев претприемач и работев од дома, па бев помалку активна, а животот ми беше постресен – вели таа.
Исто така, таа доживеала повеќе компликации и подолго време закрепнувала по втората бременост. Ова го припишува на комбинацијата на возраст и животниот стил. Таа верува дека никогаш не постои „вистинско време“ за да забремените. Без оглед дали планирате или не, никогаш нема да е лесно, вели таа.
Помеѓу 25 и 29 години
Медицински гледано, работите остануваат исти како и на возрасната група од 20 до 24 години. Повеќето жени и понатаму имаат 25 отсто шанси да останат бремени секој месец.
29-годишната Кристал од Мајами, Флорида, решила да забремени веднаш откако се омажила, на 27 години, и покрај тоа што повеќето луѓе ја советувале да почека.
– Луѓето не знаеја дека јас и мојот сопруг со години разговаравме за ова и беше нешто што навистина го сакавме. Го сакам тоа што ја добив ќерка ми на 27 години; се чувствував млада, самоуверена, полна со енергија и подготвена да бидам најдобрата мајка – вели таа.
Иако 30-годишната Меделин од Атланта го имала првото дете на 28 години, таа и понатаму го чувствува притисокот, особено од семејството, да има второ дете.
– Растејќи во шпанско семејство, го чувствувам притисокот да имам деца пред 30-тата година. Општеството прави толкав притисок врз нас, но јас се согласувам дека раѓањето деца во средните 20-ти ви овозможува одредена флексибилност и не ве тера да раѓате деца едноподруго – вели таа.
Помеѓу 30 и 34 години
– Откако ќе наполните 30, особено 35 и повеќе, почнувате да забележувате намалување на плодноста, но тоа не е апсолутно. Ако сте зафатени со градење кариера или ако не сте го пронашле партнерот, не треба да бидете притиснати да забремените само затоа што треба да имате дете – вели Мери Џејн Минкин, клиничка професорка по гинекологија на Универзитетот „Јеил“. Сепак, треба да земете предвид колку деца сакате, додава таа.
Во однос на придобивките, забременувањето во раните 30-ти години на жените им овозможува значително време за уживање во своите млади-возрасни години, истражување на нивната кариера и осознавање на себеси. Таков бил случајот со 46-годишната Кели од Њујорк, која забременила на 34 години.
– Не бев подготвена на ваков вид обврска во моите 20-ти години, кога имав работи што сакав да ги реализирам – вели таа.
За 37-годишната Меган од Вирџинија, забременувањето на 32 години ѝ го дало потребното време за градење кариера и поставување цврста емоционална потпора.
Помеѓу 35 и 39 години
За жал, точно е дека плодноста почнува значително да се намалува на 32 години, а уште побрзо на 37 години. Покрај тоа, успехот за плодност со ин витро почнува да опаѓа.
– Почнуваат да растат и здравствените ризици, како што се хипертензијата, дијабетесот и прееклампсијата, како и стапките на хромозомски абнормалности – вели д-р Мекдоналд.
43-годишната Моника од Њујорк ги добила нејзините две деца на 35 и 37 години. Како што вели, тоа ѝ дало повеќе време да созрее и да стане финансиски стабилна.
– Бидејќи знаев каде сум со кариерата кога го добив син ми, имав искуство да почнам сопствен бизнис, самата да си бидам свој шеф и сама да одредувам време за работа, нешто што не би можела да го направам неколку години порано. Негативно е што другите мајки околу мене се прилично помлади, па не можам да се поврзам со нив. Во разговорите секогаш постои нешто што ја истакнува разликата во возраста – вели таа.
Помеѓу 40 и 45 години
На 40-годишна возраст шансите на здравата жена да забремени секој месец се помалку од 5 отсто. Сепак, поголема грижа создаваат медицинските ризици.
– Жените постари од 40 години имаат зголемен ризик за компликации во раната бременост, како што се спонтани абортуси и последователни компликации во текот на бременоста: прееклампсија, гестациски дијабетес, проблеми со плацентата, мала родилна тежина на бебето и предвремено породување, како и повисока стапка на смртност на фетусот – објаснува Анате Брауер, репродуктивен ендокринолог.
– Сите овие ризици се зголемуваат ако жената претходно имала висок крвен притисок, дијабетес или дебелина.
43-годишната Сузана ја родила својата ќерка на 41 година и таа не би го променила тоа за ништо на светот.
– Мило ми е што тогаш ја родив ќерка ми бидејќи си дадов себеси многу години да го истражувам значењето на мојот живот и да се дефинирам себеси. Поради моите животни искуства, знам дека можам да ѝ помогнам на мојата ќерка во нејзиниот живот да открие што е вистинско и убаво, да живее живот со цел и со љубов – вели таа.
Сè на сè, експертите и мајките се согласуваат дека навистина не постои точен одговор на прашањето: Која е најдобрата возраст за забременување? Биолошки, одговорот е веројатно раните 20-ти, но мора да се земат предвид безброј фактори, кои се разликуваат од жена до жена. Направете го она што сметате дека е правилно за вас, што и да е.
Автор: Џен Синрих