Многу возрасни веруваат во казната како воспитно средство, без оглед дали се работи за испраќање на детето во ќош (тајмаут), тепање или одземање одредени привилегии.

„Децата мора да знаат дека постојат последици од нивното лошо однесување“ – ова сум го чула многупати од родители на мали деца.

Всушност, малите деца имаат потреба да им обрнеме внимание и да направиме нешто кога нивното однесување е надвор од контрола или кога се однесуваат сурово, деструктивно, опасно. Наша работа како возрасни е да ги заштитиме од самите нив кога нивното моментално однесување може да ги доведе до неволја. Но сето она што некогаш сме го научиле за детскиот развој од науката и практиката сугерира дека казните изречени во гнев и бес не даваат добар резултат на подолг рок. Можеби ќе постигнете детето да ве послуша во тој момент, но за тоа ќе платите со неговата самодоверба или ќе го нахраните неговиот гнев. И ништо добро нема да постигнете на подолг рок ни за себе ни за детето.

Што се логички последици?

Природни последици – болни резултати од нечие однесување – се најдобрите учители. Кога детето ќе одбие да облече палто иако надвор е врнежливо, природна последица би била да му дозволите да излезе без палто, поради што ќе накисне и ќе му биде непријатно. Кога ќе имате можност, природните последици се одличен метод на учење. Детето не ќе може никого да обвинува за ситуацијата во која се нашло освен себеси и големи се шансите следниот пат да го облече палтенцето кога ќе му го предложите тоа.

Логичките последици исто така се резултат на детските постапки, но тие се наметнати од некој друг. И во двата случаи детето ќе доживее некој вид непријатност како резултат на своето однесување.
Примена на логичките последици: Што може да направите кога детето прави лоши работи?
Што би требало да направите кога децата на возраст околу седум години прават нешто што не треба? Тоа зависи од природата на детето и од природата на проблемот. Сепак, постојат некои идеи што можеби ќе ви помогнат на најдобар начин да се изборите со неприфатливото однесување на детето.
Повлечете се. Отстапете, вдишете длабоко и спротивставете му се на импулсот што ве тера да викате или да казнувате.

* Не бидете насилни. Сетете се дека тие се многу помали од вас. Како и во секоја ситуација каде што на една страна постои многу поголема сила и моќ, вашиот гнев им носи реален страв од насилство. Лошото чудовиште од бајките, тоа сте вие кога ќе се нафрлите врз детето.

* Останете присутни и поврзани. Последно што му треба на детето кога ќе изгуби контрола или ќе се однесува лошо е да остане и без вашето присуство на неубав начин. Одењето во ќош може да се чини корисно, но не дава никаков резултат на подолг рок.

* Гледајте на таа ситуација како на можност нешто да научите. Тоа лошо однесување на детето обидете се да го поставите во некоја позитивна перспектива и искористете ја шансата и вие и детето да научите нешто од сето тоа. Понекогаш детето (особено ако е помладо од четири години) буквално нема никаква можност да разбере што е лошо во неговото однесување. Во тие ситуации всушност најчесто му треба комуникација и чувство дека некој го слуша. Кога вие без осуда ќе бидете подготвени да го слушате, и тоа ќе биде подготвено да ве слуша вас.

* Побарајте уште некоја причина за проблемот. Понекогаш децата многу добро знаат што прават и свесно го предизвикуваат вашиот гнев со единствена цел да го добијат вашето внимание. Без оглед дали лошото однесување е намерно или случајно (тоа сепак е тешко да се процени), секогаш праќа некаква порака. Детето има реална потреба на која никој не одговара и сѐ уште не знае како да комуницира за да го разберете. Можеби му треба малку повеќе нежност и внимание, можеби е гладно, можеби му се спие, можеби има потреба да се истрча или едноставно да биде во тишина.

* Решавајте ги тие работи без публика. Дури и малите деца се чувствуваат понижени кога јавно ги казнувате или дисциплинирате.

* Побарајте логичка последица. Кога сметате дека е неопходна последица за детето да научи нешто, сетете се дека децата (како и возрасните) најдобро учат кога се почитувани, кога ги слушате и цените.

* Побарајте помош од детето. Ако не можете да смислите добра логичка последица, прашајте го детето. Децата речиси секогаш се непогрешливи кога треба да осмислат адекватни последици, иако понекогаш умеат да бидат и престроги кон себе.

* Продолжете понатаму. Кога сѐ ќе заврши, прашајте го детето, нежно и со разбирање, дали нешто научило од ситуацијата што се случила.

Пример за логичка последица

Четиригодишниот Марко го истури млекото додека се обидуваше да го претури од една чаша во друга иако му беше речено да не го прави тоа.
Не прашувајте го Марко зошто е толку невешт. Не потсетувајте го дека убаво му кажавте да не го прави тоа. Не велете му дека сега нема веќе млеко. Не праќајте го во ќош.
Наместо тоа, кажете: „Уф. И сега што треба да направиме?“
Речиси е извесно дека Марко ќе знае дека треба да земе крпа и да го исчисти нередот и веројатно нема да има ништо против самиот да го направи тоа ако во тој процес вие не го карате или понижувате.

Зошто се ефикасни логичките последици?

* Очигледна поврзаност со она што се случило. Логичките последици доаѓаат како спонтан резултат од нешто што детето одлучило да го направи. Тие не се наметнати и детето нема причина да ви се лути поради нив. Ова е многу поефикасен начин на детето да му покажете како и заради што треба да го смени своето однесување, отколку казната која нема никаква врска со она што го направило детето.

* Нема понижување. Логичките последици не засрамуваат, ниту казнуваат. Кај децата и кај повеќето возрасни понижувањето главно повеќе создава некој вид отпор отколку што поттикнува учење.

* Охрабрува преземање одговорност за однесувањето. Казните, вклучително и праќањето на детето во ќош, покажуваат кој е газда, но не и како да се реши проблемот. Затоа тука се логичките последици. Тие се фокусираат на решавањето на проблемот наместо на тоа детето да „плати“ за грешката што ја направило.

* Смиреност и поврзаност. За разлика од казните и тепањето, во текот на примената на логичките последици детето и понатаму се чувствува сигурно и безбедно.

А кои се негативните страни?

* Не се секогаш применливи. Понекогаш на детето му треба само прегратка или разговор за однесувањето. Понекогаш, кога проблемот е поголем, потребна е стручна помош.

* Бараат фантазија и креативност. Возрасните мора да бидат во состојба да осмислат адекватна логичка последица. Ако не постои некоја очигледна (како кај истуреното млеко), често се случува детето само да ја осмисли најсоодветната последица.

* Искушението да потрчате и да го спасите детето од последицата. Во зависност од видот на последицата, многу родители ќе влезат во искушение да го спасат детето. На пример, никој не би сакал детето да настине затоа што не сакало да ја облече јакната.

* Потребно е време. Логичките последици не успеваат секогаш „од прва“. Со текот на времето децата што се воспитувани со логички последици умеат да преземат одговорност за своите постапки, но тоа нема да се случи преку ноќ.

Автор: Александра Цветиќ



912

X