Бременоста е многу посебен период за секоја жена, полн со убави моменти и уште поголеми возбудувања, но и стравови, кои се сосема нормални. Меѓу другото, ова е и периодот кога често ќе слушате секакви совети.
Секоја трудница барем еднаш во бременоста слушнала совети кои ја исплашиле бидејќи звучеле неверојатно, интригантно или сосема бесмислено. Некои од овие совети, колку и да се добронамерни, всушност се обични митови. Во продолжение ви ги пренесуваме најчестите митови за бременоста.
Трудниците треба да јадат за двајца
Ова е несомнено еден од најчестите митови за бременоста – дека трудницата треба да јаде двојно повеќе затоа што јаде и за бебето. Тоа е, предупредуваат експертите, еден од оние совети што никогаш не треба да ги слушате. Нутриционистите тврдат дека доколку трудницата има здрава телесна тежина во првото тримесечје, не треба да внесува дополнителни калории бидејќи нема потреба од тоа.
Наместо да консумирате повеќе храна на почетокот на бременоста, експертите препорачуваат да додадете околу 300 калории дневно во текот на второто тримесечје и околу 450 калории во текот на третото. Тие нагласуваат дека тоа не значи дека трудницата треба да јаде поголеми количини, туку да ги консумира оние намирници што се побогати со калории, како млечни производи или јаткасти плодови.
Ултразвукот може да му наштети на бебето
Повеќето лекари препорачуваат дека жените чиј фетус се развива нормално треба да подлежат на ултразвучен преглед неколку пати во текот на бременоста, еднаш во секое тримесечје. Проверката треба да се врши почесто само доколку постои ризик за здравјето на мајката или на детето. Сепак, ултразвукот не му штети на детето и може да се изврши во секое време без никакви проблеми. Имено, ултразвучната слика користи високофреквентни звучни бранови и за разлика од рендгенската слика, нема изложеност на јонизирачко зрачење. Благодарение на ултразвучниот преглед, лекарите можат да ја исклучат можноста за ектопична бременост и да утврдат можни патологии на фетусот.
Сите трудници копнеат по нездрава храна
Бремените жени може да чувствуваат дека им треба одредена храна дури и ако вообичаено не сакаат да ја јадат. Работата е во тоа што хормоналните промени поттикнуваат бизарни гастрономски желби, а понекогаш тоа е само желба да се почестиме. Но, не е точно дека трудниците копнеат само по нездрава храна полна со калории, сѐ е многу индивидуално, па додека некои од нив јадат чоколадо или грицки, други ќе уживаат во вкусни свежи салати.
Неопходно е да се избегнуваат интимните врски
Опасноста и воздржувањето од интимни односи за време на бременоста е веројатно еден од најраспространетите митови. Често слушаме дека тоа е штетно за детето, непријатно за мајката, па дури и неморално. Но, лекарите потврдуваат дека ако жената не чувствува непријатност и ако нема ризична бременост, сексот за време на бременоста нема да предизвика никаква штета. Напротив, редовните интимни односи позитивно влијаат врз здравјето на трудницата. Не само што помагаат во зајакнувањето на карличните мускули, туку и даваат позитивни чувства за идната мајка.
Голем стомак – големо бебе
Секој труднички стомак е единствен, како и трудницата која го носи и бебето што расте во него. Големината на стомакот всушност зависи од трудницата, а не од големината на бебето. Ако трудницата е пониска, бебето го нема истиот простор за растење како кај повисока жена чиј ‘рбет е подолг, така што нејзиниот стомак веројатно ќе оди напред и затоа изгледа малку поголем. На ист начин, стомакот може да зависи од килограмите на трудницата, а еднакво важна е и количината на плодова вода.
Дали имате киселини? Носите бебе со многу коса
Киселините се една од најчестите поплаки за време на бременоста. Имено, една од главните причини за киселини во бременоста е тоа што долниот кружен мускул на хранопроводот, одговорен за спречување на киселината да се врати во хранопроводот, слабее поради хормоните за време на бременоста. Постои и теорија дека киселината може да настане како реакција на одредена храна, а без разлика дали тоа е точно или не, факт е дека се влошува со храна која предизвикува желудникот да произведува киселина. Значи, ако имате чувство на печење во хранопроводот, треба да го намалите внесот на кафе, кисело, газирано и зачинето. Можеби вашето бебе навистина има многу влакна на главата, но киселината сигурно нема да ви го каже тоа.

Бременоста ве прави поглупави
Често слушаме дека бременоста ги прави жените поглупави. Се разбира, тоа е само мит и ништо повеќе. Вистина е дека промените во хормоналната рамнотежа ги прават жените поемотивни и почувствителни, но за време на бременоста многу од нив откриваат нови таленти или вештини. На пример, многу жени почнуваат да сликаат, пишуваат книги за деца или започнуваат сопствен бизнис.
Во исто време, таканаречениот феномен на „мамнезија“ навистина постои. Причината, објаснуваат експертите, е што женскиот мозок се обидува да создаде приврзаност меѓу детето и идната мајка, па на некои трудници им е потешко да прават неколку работи истовремено и можат да станат занесени.
Наспијте се пред да се породите
Иако теоретски звучи логично, да бидеме реални – спиењето не е нешто што можеме да го складираме под перница и да го зачуваме за деновите кога бебето ќе дојде на свет. Одлично е ако можете да спиете додека сте бремени, ќе имате повеќе енергија и ќе имате подобро здравје. Но, кога ќе се роди бебето, нема да можете да ги преспиете неговите будни ноќи само затоа што сте заштедиле малку сон „за подоцна“.