Наставниците Штефица Ујчиќ од гимназијата „Гоце Делчев“ – Куманово, Добри Јовевски од ОУ „Илинден“ од Крива Паланка, Марјан Радевски, професор по географија во „Ванчо Питошески“ од Охрид и Маринела Бошева, педагог во градинката „Детска радост“, Општина Гази Баба од Скопје, се добитниците на наградите за најдобри просветни работници што денеска ги додели Сојузот на просветните работници на Македонија. Ова се наставници што имаат заслуги во својата работа, рече министерката за образование и наука Мила Царовска.
Ова е една од активностите што ги правиме како сојуз. Самите просветни работници се вреднуваат и оценуваат, рече Лидија Николовска-Георгиевска.
– Со оваа награда сакаме да ѝ го свртиме вниманието на јавноста. Ние имаме силно влијание во кој правец општеството треба да се одвива и се обидуваме да дадеме максимален придонес. Денес, справувајќи се со пандемијата, се исправаме со ентузијазам и непокор да чекориме во иднината, да ги воведеме младите генерации да стекнат одредени вештини, прво да го заштитуваат сопственото здравје – рече Лидија Неделковска-Георгиевска, претседател на Сојузот.
Нашето место во општеството треба да се надградува, вели наставничката Штефица Ујчиќ, во името на добитниците.
– Од она што денес го правиме со нашите деца зависи целата наша иднина, како на децата така и целото општество. Во овој момент, преземајќи ги децата од 3 години до 18 години, знаеме дека треба да внимаваме и треба да им помогнеме. Ние сме тивките воини за иднината на нашите деца – рече Ујчиќ. Министерството за образование и наука го поддржа доделувањето на наградите.
– Наставниците ја почнаа учебната 2019/2020 година во нормални услови, но во второто полугодие требаше да се приспособат и да ја завршат онлајн. Навистина е важно да се испочитуваат наставниците. Многу е важно наставникот да има централна позиција и учениците да бидат мотивирани, а добрите наставници успеваат да ги инспирираат – рече Царовска.
912