Надарено дете е дете кое има изразени посебни способности и интересирања во една или во повеќе области. За да се негува надареноста и да се зачуваат интересите, потребна е поддржувачка околина која ќе ги негува и продлабочува знаењата и способностите на детето. Надареноста може да се пројави и препознае и во текот на растењето и созревањето на детето, но најчесто може да ја препознаеме уште од најраната возраст.

Повеќето автори од оваа област во психологијата прават дистинкција на поимите надареност и талент, па така за поимот талент може да се сретне следнава дефиниција.

Талентот е врзан за способности во една потесна област (математика, физика, танц, музика) и всушност е диспозиција, која треба да се развива со упорна работа. Со други зборови, талентот не е само „дар од боговите“, т.е. не е само резултат на наследната еволуција на човекот, туку е и многу работа и постојан развој на личноста. Во оваа насока е и дистинкцијата која Озимец ја прави меѓу надареноста и талентот. Имено, надареноста се должи на високи општи интелектуални способности, а талентот е врзан за специфични способности во една потесна област, при што надареноста се идентификува врз основа на веќе постигнатите натпросечни резултати, а талентот се сфаќа како диспозиција која допрва треба да се развива.

Карактеристично за најраната возраст кај надарените деца е: многу порано прозборуваат од просечната возрасна граница, користат богат вокабулар во разговорот со другите, имаат високо развиено помнење во однос на врсниците, рано ја разбираат причинско-последичната врска во односите, имаат изразена смисла за хумор, имаат потреба од помалку сон во текот на денот отколку врсниците, координацијата око-рака е изразено прецизна, говорниот развој е многу брз и елоквентен, покажуваат интензивна љубопитност, голема перцептивна моќ и внимание, сензитивност.

Надарените деца уште од една година бараат да им се читаат приказни и сликовници, сами смислуваат приказни и дејствија и се самомотивирани да учат зборови, букви, бројки. Уживаат во впивање информации и со голема внимателност следат што им се зборува ним или на некој друг од околината.

Често покажуваат фотографско помнење со чија помош го визуализираат слушнатото или прочитаното.

Поради изразената љубопитност, детето често поставува прашања со зошто: зошто луѓето одат по Земјината топка?; Зошто небото има сина боја итн.

Поради комплексното лично поле на надареното дете, се јавува пречувствителност и сензитивност бидејќи восприема многу повеќе информации и дразби од околината, што го прави многу емотивно, со тешкотии во регулирањето на емоциите. Бидејќи на рационално и интелектуално ниво може многу подобро да ги разбере нештата, емотивните реакции тешко можат да го следат интелектот бидејќи двете хемисфери не се доволно хомогенизирани, таквото дете може да стане проблем за воспитниот процес на родителите, околината или училницата.

Ако надареното дете не е во доволна мера стимулирано или мотивирано, кај него може да се јават два типа однесување:

  1. Агресивност/непријателство

· Одбивање да се придржува кон училишните прописи и барања.

· Наместо да работи, ги попречува часовите (детето изигрува кловн пред другите деца и ја прекинува нивната работа).

· Критички се однесува кон наставниците и другите ученици.

· Се натпреварува да привлече внимание на најразлични начини.

  1. Повлекување

– Одбивање да одговори на поставените задачи со зборовите: „Глупости, го знам ова“ или „Не сакам да го направам“.

– Дневно фантазирање – детето не е психички присутно на часовите, црта во тетратката, гледа низ прозорецот.

– Не може да работи во група, секогаш се повлекува на само.

– Се обидува многу малку да учествува во одделенската активност.

– Не се брани од нападите на другите деца.

– Бега од часови.

Да се има вакво дете во домот, околината или училницата е вистински дар на кој секој може да се насладува.

Она на што треба да се работи најмногу кај овие деца се мотивацијата, истрајноста, толерантноста, самодовербата, социјалните вештини, соработливоста, јакнењето на тимскиот дух и емпатијата.



912

X