Здравствените власти во Јужна Каролина, САД, соопштија дека повеќе од 150 невакцинирани деца се во изолација од 21 ден поради контакт со луѓе заразени со мали сипаници, попознати како морбили.
По епидемијата во Ново Мексико и Тексас, каде што се заразени повеќе стотици луѓе, а тројца починаа, Јужна Каролина станува новото жариште, пренесува Би-би-си.
Според податоците на Центарот за контрола и превенција на болести, во САД од почетокот на годината се забележани 1.563 случаи на морбили и тоа е најголемиот број во последните 33 години.
Децата во изолација доаѓаат од едно основно и едно средно школо од округот Спартанбург во Јужна Каролина. Тамошното министерство за здравство соопшти дека е потврден осмиот случај на морбили во последните две недели.
– Ова покажува дека морбилите активно се шират во заедницата и ја потврдува важноста на вакцинацијата – стои во соопштението.
Вакцината МРП, која е против морбили, заушки и рубеола, сè уште е најсигурниот и најефикасен начин за заштита од болестите. Оваа вакцина нуди заштита од околу 97 %, а штити и од потенцијално смртоносни компликации како воспаление на белите дробови и мозокот.
Случаи на заразени со морбили се забележани и во сојузните држави Јута (55) и Аризона (63).
Годинава стотици луѓе беа заразени и во Западен Тексас и Ново Мексико, а три лица ги загубија животите, што беа првите забележани смртни случаи од морбили во Америка од 2015 година. Мнозинството од заразените се невакцинирани.
Голем број случаи на заразени се забележани и на север – во Канада, особено во Алберта и Онтарио. Канадските власти пријавија вкупно 5.024 случаи, трипати повеќе отколку во Америка, иако земјата има значително помалку жители.
Овие податоци отвораат многу прашања – како болеста се шири толку брзо и дали канадските власти дејствуваат за да ја зауздаат епидемијата.
Во Америка растот на бројот на заразени делумно се поврзува со растечкиот скептицизам кон вакцинацијата, која ја поттикнуваат и некои јавни личности. Меѓу нив е и државниот секретар за здравство, Роберт Ф. Кенери помладиот, познат по антиваксерските ставови, иако во овој случај изјави дека смета оти вакцината против морбилите е безбедна.
За разлика од САД, во Канада не постои јавна личност која на сличен начин би влијаела врз довербата на јавноста во вакцините.
Извор: BBC