Како изгледа секојдневието на семејство со повеќе деца? Деца.мк влезе во домот на Елена и Костадин Поп-Костови од Гевгелија и ги запозна прекрасните Леа (11), Ања (10) и Лана и Луна (8)

Никогаш не замислував дека ќе имам големо семејство, а најмалку четири деца. Кога бев мала, секогаш ѝ велев на мајка ми дека нема да се омажам и дека нема да раѓам деца, дека ќе си посвојам кога ќе дојде време. Но, сето тоа не излезе така – вели триесет и едногодишната Елена Поп-Костова од Гевгелија, мајка на четири прекрасни ќерки.

Велат нема потешка работа од родителството, поодговорна, понапорна и поубава, истовремено. Ако имате едно дете, мислите дека ви е најтешко на светот зашто детето ве има само вас за друштво, за сѐ!
Деца.мк влезе во домот на семејството Поп-Костови, сакајќи да го доживее секојдневието на едно повеќедетно семејство и да ви ја пренесе атмосферата. Елена и Костадин имаат четири девојчиња, од кои две се близначки. Леа е најстарата и е шесто одделение, Ања е петто, а Лана и Луна имаат по осум години. Лана оди во трето одделение, а Луна е во прво. Таа има спастична церебрална парализа. Сите учат во Основното училиште „Владо Кантарџиев“ во Гевгелија.

Супермама – како другарка со ќерките

Иако не се замислувала со многу деца, Елена денес е среќна мајка. Таа е домаќинка. Запишана е на Факултетот за туризам во Гевгелија, но овој период ѝ е во мирување.
Ја родила Леа на 18 години, а разликата помеѓу другите деца е една и пол година.
Вели дека сите четири дечиња се различни, баш во сѐ, и на изглед и во карактер.
– Најважно ми е дека се многу сложни и си помагаат. За четврто дете се одлучив многу лесно и без многу размислување. Многу сакам деца, а сега планираме уште едно, дај Боже – вели Елена.

Како изгледа еден обичен ден во семејство со повеќе деца?
– Уф, еден обичен ден е многу напорен, но секогаш имам план и организација. Домаќинка сум и целото внимание им го посветувам на децата, куќата и на мажот. Само со едната близначка ми помага мајка ми бидејќи нејзе ѝ треба посебна нега, а за другите се грижиме јас и сопругот. Леа и Ања веќе се големи и со нив речиси и да не ми треба помош – споделува Елена.
Таа е млада и полетна мајка, се труди да поминува многу време со своите ќерки, има другарски пристап и заедно постигнуваат сѐ.

Многумина, вели, се чудат како ѝ успева.
– Пишувањето домашна задача не е тешко. Со сите работам поединечно и има убави и успешни резултати, па многумина се чудат како успевам во сѐ. Едноставно сум супермама. Со моите ќерки сум како другарка. Никаде не одам без нив. Многу ме слушаат и го почитуваат мојот збор. Јас сум млада, горда и среќна жена. За мене, семејството е свето нешто – благослов од Господ. Многу сум благодарна за сета помош од поширокото семејство. Мајка ми и свекрва ми се секогаш тука за нас – вели Елена.

Се штитат меѓу себе

Во нивниот дом постојано има дечиња, другарчиња.
– Ние многу сакаме деца! И секогаш кога можеме обезбедуваме простор за преспивање на деца што доаѓаат во нашиот град да изведат претстава или по некој друг повод. Децата се најголемото богатство – вели Елена.
Девојчињата го наследиле талентот за пеење од мајка им, која до пред две години имаше јавни настапи на манифестации, а има снимено и неколку кавери на познати песни. Две години по ред токму Елена во соработка со пејачот Игор Узунов напиша песни за детскиот фестивал „Распеани дечиња“.

Секое од девојчињата има свои соништа и желби. Ања е многу трудољубива на училиште. Многу сака да помага и уште сега знае дека сака да биде нотарка. Леа е поповлечена и сака да поминува време на „Инстаграм“ и на „Јутјуб“. Многу ја сака норвешката група „Маркус и Мартинус“. Лана е пргава, гласна, снаодлива. Со Ања многу го сакаат спортот.

Луна е бунтовна и знае да се скара со сестрите за нешто што ѝ значи. Љубопитна е и постојано нешто нѐ прашува.
– Ги воспитуваме да се штитат една со друга. Тие многу ѝ помагаат на Луна за сѐ, особено кога има некакво дофрлување од средината или ако некаде не е прифатена како што треба. Тоа што од мали мораа да се соочат со ваква ситуација ги научи да бидат посочувствителни кон децата и луѓето со попреченост – вели гордата мајка.

 



912

X