Една анкета покажува дека на родителите во просек им се потребни 2,5 дена за да се вратат во нормала по хаотичен семеен одмор. Секој трет родител изјавува дека мирот трае помалку од еден час откако семејството ќе тргне на пат, без разлика дали патуваат со автомобил, авион или некое друго превозно средство.
Истражувањето е спроведено од „Токер рисррчс“ за потребите на компанијата „Јото“, производител на аудиоплеери за деца без екрани, а биле опфатени 2.000 родители на деца под 12 години.
Кога родителите биле прашани колку дена им требаат за да закрепнат од стресот по типично семејно патување, просечниот одговор бил 2,4 дена. Толку дена им се потребни за повторно да се почувствуваат „како свои“.
Екраните како спас
Соочени со нервни сломови по пат, некои родители едноставно се откажуваат. 26 отсто признаваат дека на децата им дозволуваат неограничено време пред екрани, претворајќи го задното седиште во дигитален одмор.
И покрај привлечноста на екраните, многу родители сепак се трудат да ги исклучат децата од дигиталниот свет. Дури 70 отсто сметаат дека забава без екран е важна, при што аудиосодржини, боенки и семејни игри се најпожелни придружници за на пат.
Со цел да избегнат хаос, родителите често прибегнуваат кон креативни решенија – речиси третина (30 отсто) признаваат дека ги поткупуваат децата со слатки, а 28 отсто купуваат играчки додека се на пат. Некои измислуваат песни (19 отсто) или раскажуваат приказни (16 отсто) за да им го задржат вниманието на децата. И додека многумина сè уште се потпираат на таблети и грицки, сѐ поголем број семејства откриваат нови алатки за заанимација кои не го преоптоваруваат детето.
62 отсто од родителите користат аудиоплеери за време на патувањата, што укажува дека музиката, раскажувањето и звучните пејзажи се претвораат во спас во последен момент. Речиси половина (43 отсто) користат музика како средство за смирување.

Последиците од стресот за време на одмор
Стресот што родителите го доживуваат за време на одмор остава траги. Дури 11 отсто признаваат дека се „скриле во тоалет“ за да се исплачат или да здивнат. Не е ни чудо што 71 отсто од родителите велат дека по одморот им треба нов одмор.
– Семејните патувања можеби изгледаат совршено на социјалните мрежи, но реалноста е често многу поинтензивна. Родителите балансираат помеѓу детски сломови, промени на расположението и притисокот секој момент да биде магичен и често се враќаат од одмор поисцрпени отколку кога заминале. Ова истражување покажува колку труд, фантазија и издржливост бара родителството – вели Сара Нечез, директорка на „Јото“ за Северна Америка.
Притисокот сè да биде совршено
Притисокот да се создаде совршено искуство е реален. Речиси две третини (64 отсто) од родителите чувствуваат обврска секој момент да биде „посебен“, иако 30 отсто од нив известуваат дека нивните деца редовно добиваат сломови за време на патување.
Можеби токму тој судир помеѓу очекувањата и реалноста е причината зошто сѐ повеќе родители ги нудат екраните како алтернатива.
– На крајот од денот, поентата не е во совршениот план, туку во создавање спомени, дури и ако се неуредни. Без разлика дали е тоа смеа на задното седиште или мафини за појадок на аеродромот, токму тие несовршени моменти остануваат во сеќавање – додава Нечез.
Како родителите обезбедуваат мир на патување?
Ги поткупуваат децата со слатки или грицки – 30 отсто
Купуваат играчка за време на патувањето – 28 отсто
Измислуваат игри – 27 отсто
Ги носат децата на раце затоа што не сакаат да одат – 26 отсто
Им дозволуваат неограничено време пред екрани – 26 отсто
Ветуваат награда по враќањето дома – 26 отсто
Даваат грицки како оброк (на пример, чипс за појадок) – 25 отсто
Измислуваат песни – 19 отсто
Раскажуваат измислена приказна – 16 отсто
Се преправаат дека одат во тоалет за да се исплачат или одморат – 11 отсто
Им дозволуваат на децата да носат пижами или костими во јавност – 10 отсто.