Како дете Никола сакал да пишува поезија и многу читал. Често навечер се прикрадувал во библиотеката на татко си и читал. Од мајка си наследил фотографска меморија – секогаш помнел сè што ќе види, слушне, прочита

Со детска претстава, креативни работилници за пишување и цртање, предавање за моќта на електрицитетот, изведба на разни експерименти, проекција на документарен филм, денеска на Матка кај Скопје ќе биде одбележан 10 јули, Денот на раѓањето на еден од најгенијалните научници во светот, Никола Тесла. Во Изложбениот центар „Матка“ во 11 часот ќе почне претставата „Гига мега бајка“ на Театарот за деца и младинци, а потоа писателката за деца Билјана Црвенковска ќе одржи креативна работилница за пишување „Приказни за електрицитетот“. Сите содржини се планирани за деца од 5 од 14 години.

Фото: Изложбен центар „Матка“

Од 12 часот ќе има уметничка работилница „Никола Тесла и електричната енергија“ со професорката Јана Јакимовска, а потоа Филип Паталовски ќе одржи предавање за моќта на електрицитетот.
– Да го прославиме заедно роденденот на таткото на наизменичната струја и многубројни други футуристички пронајдоци, Никола Тесла – велат од Изложбениот центар „Матка“.
Следува проекција на краткиот документарец „Тесла ја користи моќта на Нијагарските Водопади“. Попладне професорот Владимир Стефановски ќе прави експерименти со безжичен пренос на енергија, високофреквентна наизменична струја, радиопренос.

 

Фото: Изложбен центар „Матка“

Кој бил Никола Тесла и зошто секојдневието денес би било невозможно без неговите пронајдоци?

Ексцентричниот, мистериозен и брилијантен научник кој го револуционизира електрицитетот и ја постави основата за футуристичката безжична технологија е роден на 10 јули 1856 година во Смилјан, Лика, тогашна Австро-Унгарија, денешна Хрватска. По потекло бил Србин. Регистрирал повеќе од 300 патенти и предвидел многу други изуми. Еве неколку факти за Никола Тесла, иако најголем дел од неговиот живот е мистерија.

1. Роден е за време на грмотевици
– Тесла бил роден околу полноќ, за време на страшна бура со силни грмотевици. Бабицата рекла дека тоа е лош предзнак и дека новороденчето ќе биде дете на темнината. Но мајка му пророчки рекла: „Не, ова ќе биде дете на светлината“.

2. Бил претпоследно од петте деца
– Никола бил претпоследното дете во семејството Тесла. Имал три сестри, Ангелина, Милка и Марица. Најстарото дете, брат му Даниел, трагично загинал во несреќа со коњ кога имал 12 години. Некои луѓе го обвинувале Никола дека го уплашил коњот и дека ја предизвикал несреќата.

3. Генијалноста ја наследил од мајка си
– Негови родители биле Милутин и Георгина (Ѓука) Тесла. Татко му бил свештеник, а мајка му била необразована, но исклучително интелигентна жена. Никола секогаш велел дека генијалноста ја наследил од мајка си. Таа измислила многу нешта за да си ја олесни работата во домаќинството – еден од изумите била механичка маталка за јајца.

4. Пресметувал задачи напамет
– Како дете Никола сакал да пишува поезија и многу читал. Често навечер се прикрадувал во библиотеката на татко си и читал. Од мајка си наследил фотографска меморија – секогаш помнел сè што ќе види, слушне, прочита. Бил многу креативен. Кога имал шест години создал тркало на вода кое било многу различно од тие што се користеле во тоа време. Исто така, напамет пресметувал исклучително тешки задачи, па наставникот често го обвинувал дека мами.

5. Лекарите мислеле дека има чудно нарушување
– Лекарите верувале дека малиот Никола има некаквo чудно нарушување. Во тоа верувале поради неколку апсурдности. На пример, никогаш не допирал нечија коса и секогаш си ги броел чекорите кога одел. Многу го привлекувале светкави предмети – бисери или светкав накит. Исто така, секогаш го пресметувал волуменот на оброкот што го јадел. Ако не го направел како што треба, одбивал да го изеде. Често не знаел да оцени дали нешто што гледа или слуша е реално, вистинско или е негова замисла. Многумина сметале дека тоа е поврзано со фотографската меморија.

6. Каде учел
– Во првите степени на образование учел германски, аритметика и религија во родното место Смилјан. Во 1870 година се запишал во Гимназија во Карловац и четиригодишното образование го завршил за три години, благодарение на неговата невообичаена интелигенција. Во 1875 година се запишал на Австриската политехника во Грац. Во прва година бил брилијантен студент, но потоа станал зависен од коцкање. Тоа му ја уништило можноста за дипломирање и не успеал да ги заврши студиите.

7. Бил мизофоб
– Како тинејџер заболел од колера, која за малку фатално ќе завршела. Тесла станал опсесивен поради бактериите и чистел сè. Имал интензивна и строга хигиенска рутина. Користел 18 салфети за да ја пребрише масата и никогаш не јадел без ракавици.

8. Ја предвидел безжичната технологија
– Верувале или не, во 1901 година Тесла всушност имал идеја за безжичен начин на собирање информации – ја кодирал во својата лабораторија, ја сменил фреквенцијата и ја емитувал до рачната направа, речиси исто како што денес функционираат паметните уреди. Како и многу големи идеи на Тесла, ниту овој изум никогаш не бил создаден ниту тестиран.

9. Негови изуми и денес се најстрога тајна
– Тесла починал во 1943 година во Њујорк. Многу негови изуми и експерименти американската влада сè уште ги третира како строго доверливи. По неговата смрт, сета сопственост на Никола Тесла била запленета и конечно предадена на неговото семејство. Но, селектирани материјали сè уште се држат под клуч.



912

X