Изборот на име за бебе воопшто не е лесна одлука, но е убава и сериозна задача на која идните мајки и татковци ѝ пристапуваат многу внимателно. А кога веќе сте го избрале и конечно ќе дојде моментот кога ќе можете да му се обратите на вашето бебе, не можете, а да не се запрашате кога вашето малечко ќе може да го препознае неговото име и да одговори?

Прашање кое ги интересира сите родители, но нема единствен одговор на него. Како и со зборувањето, лазењето, одењето, ова исто така варира од дете до дете.

Кога бебето ќе одговори на неговото име

Експертите велат дека најчесто може да препознаете некаква реакција кај бебето на неговото име помеѓу осмиот и десеттиот месец од животот. Сепак, како и кај другите пресвртници, нема точно време кога детето ќе го препознае своето име, но се очекува да почне да реагира кога ќе го повикате по име до околу 15 месеци.

Како детето почнува да препознава имиња

И тука треба да се има предвид дека сите деца се различни, но еве како најчесто може да забележите дека детето реагира на неговото име:

-Кога го слуша своето име, се врти да види од каде доаѓа звукот.
-Застанало со тоа што го прави за момент бидејќи го слушнало своето име.
-Се насмевнува или вокализира кога го слуша.

Како детето да си го научи име

Одговорот овде е сосема очигледен – експертите велат дека најлесно може да научи да го препознава своето име ако му го повторувате уште од мали нозе. Знаете што велат, повторувањето е мајка на знаењето, па колку повеќе го повторувате името, толку е поголема шансата вашето малечко да го запомни. Во овој поглед, подобро е да му се обраќаме со неговото име наместо со некој прекар, токму поради оваа причина.

Што ако детето не си го препознае името

Родителите често се загрижени доколку малечкото не си го препознае името, особено ако е прво дете, па не се сигурни до кога ќе се толерира тоа. Факт е дека секое дете има свое темпо на развој, но доколку детето не реагира на името по 12-тиот месец од животот, а вие често му се обраќате на тој начин, консултирајте се со педијатар.

Ако детето, и покрај сѐ што правите, не почне да реагира на неговото име, тоа би можело да биде ран знак за аутизам и затоа е важно да разговарате со педијатарот, бидејќи навременото реагирање е од големо значење.

Извор



912

X