И покрај теориите на заговор околу неговата возраст, Куејден има 9 години.

Иако точниот датум на раѓање е неизвесен поради избришаните постови на неговата мајка, на фејсбук-страницата на Јарака Бејлс се наведува дека тој бил роден некаде околу 13 декември 2010 година. Тој го прославил својот прв роденден во 2011 година, а неговиот седми роденден во 2017 година, според фотографиите до кои дојде веб-страницата „Бизнис инсајдер“.

На интернет се појавија низа теории на заговор околу годините на детето, но и намерите кои ги има со неговата мајка, а имаше и обвинувања за измами. Тоа се случи откако мајката постираше видео на кое Куејден, детет со џуџест раст, вели дека сака да се убие. Детето е жртва на булинг.

Фото: Instagram

 

– Здравствените проблеми што обично се поврзани со ахондроплазија вклучуваат епизоди во кои дишењето забавува или запира во кратки периоди (апнеа), дебелина и повторливи инфекции на ушите – пишува на веб-страницата на американскиот Национален институт за здравство.

Куејден е од Бризбејн, Австралија, и има абориџинско-австралиско потекло.

Мајката на Куејден има зборувано за дискриминацијата со која се соочил нејзиниот син, не само затоа што е со џуџест раст, туку и затоа што е абориџински Австралиец.

Фото: Instagram

– Губиме премногу луѓе поради малтретирање, поради дискриминација, поради расизам – вели неговата мајка.

– Згора на тоа, да се биде абориџинско момче со инвалидитет, луѓето не сфаќаат дека тоа е меч со две острици. Постои расизам и постои дискриминација поради инвалидитет – додава таа.

Во 2015 година тој и неговата мајка се појавиле на австралиска телевизија, во „Студио 10“, за да разговараат за нивната кампања за борба против стигмата поврзана со џуџињата. Во најголем дел од гостувањето Јарака Бејлс и водителите дискутираа за виралното видео што мајката на Бејлс го објавила во октомври 2014 година, на почетокот од месецот за подигнување на свеста за џуџиња. Видеото го прикажува тригодишниот Куејден како им вика „Престанете да ме гледате“ на група девојчиња што го гледаа.

Фото: Screenshot/Youtube

– Тогаш работите почнаа да се менуваат за нас. Секој ден во јавност може да биде навистина предизвикувачки. Не се случува постојано, постојат многу прекрасни луѓе што ја покажуваат својата поддршка, но секогаш ќе има некој што ќе се обиде да ги истакне неговите разлики – рече неговата мајка.

– Сите зјапаат, па помислив да снимам со телефонот. Видов дека го гледаат, и гледаат и гледаат, бидејќи беа зад нас – додава таа.

Исто така, таа во текот на гостувањето зборува за неговите операции, вклучувајќи ја и процедурата за отстранување на крајниците и аденоидите за да се подобрат неговото дишење и спиење. Во видеото Јарака споменува дека таа неодамна станала самохрана мајка.

Истата година тој и неговата мајка биле гости во „Ливинг блек“, австралиска телевизиска програма за австралиската домородна заедница.

Фото: Screenshot/YouTube

Во видеото Јарака ѝ кажува на репортерката Хана Холис дека ѝ биле потребни години за да ја прифати дијагнозата на нејзиниот син, но на крајот одлучила дека треба да почне да зборува за неа.

Во епизодата се раскажува за животот на Куејден до моментот кога требаше да има операција за да се намали притисокот на неговиот мозок и ‘рбетниот мозок за да се спречи невролошко оштетување. Операцијата била успешна.

Неговата мајка на својата фејсбук-страница го постирала видеото на кое се гледа како тој плаче откако го зела од училиште.

Видеото имало околу 25 милиони прегледи пред да биде отстрането.

Фото: Facebook

– Вакво влијание има булингот врз 9-годишно дете кое единствено сака да оди на училиште, да се едуцира, да се забавува, но секој ден нешто се случува, друга епизода, друго малтретирање, друго навредување и сакам луѓето да знаат колку нè боли нас како семејство. Сакам луѓето да ги едуцираат своите деца. Повеќе не можеме, се обидуваме да бидеме силни и позитивни колку што е можно, но ова покажува како булингот влијае врз 9-годишно дете. Јас морам постојано да го држам под око поради обидите за самоубиство. Ова им го прави булингот на луѓето – вели таа во видеото.

На видеото Куејден коментира дека сака да си го одземе животот, барајќи нож.

Момчето за брзо време доби неверојатна поддршка од луѓето низ целиот свет, вклучувајќи и познати личности.

Меѓу поддржувачите е и австралискиот актер Хју Џекмен, кој објави видеопорака на својот твитер-профил.



– Без разлика на сè, јас сум ти пријател. Квејден, ти си посилен отколку што мислиш, другар. Ве молам сите да бидеме љубезни едни кон други. Булингот не е во ред, точка.

Дури и њујоршката раперка Карди Би понуди поддршка за Куејден.

Комичарот Бред Вилијамс, кој исто така е со џуџест раст, постави страница на „Гоу-фанд ме“ и успеа да собере речиси 500.000 долари.

Фото: Facebook

Додека дел од реакциите се концентрираа на тоа дека на Куејден и неговата мајка не им се потребни пари, Вилијамс изјави дека откако ќе се искористат средствата за патувањето во „Дизни“, остатокот од парите ќе бидат донирани во кампања против булингот.

– Ова не е само за Квејден, ова е за секој што претрпел булинг во неговиот живот и му било кажано дека не е доволно добар. Ајде да му покажеме на Квејден, а и на другите, дека постои добро во светот и дека тие го заслужуваат – пишува Вилијамс на страницата.

Се шират теории на заговор за неговата возраст и богатство на интернет откако видеото стана популарно.

Куејден и темите за неговата возраст станаа тренд на многу социјални мрежи, а луѓето почнаа да веруваат во теоријата дека Куејден има 18 години и е актер. Причина за тоа беше фотографијата што Куејден ја имаше поставено на неговиот сега избришан инстаграм-профил, на која тој позира покрај броевите 18. Но, се чини дека тоа не е негова роденденска забава.

Фото: Instagram

Истражувањето што „Инсајдер“ го направи на фејсбук-страницата на неговата мајка покажува дека Куејден навистина има 9 години.

Профил на „Стар нау“ дополнително ги разгори теориите на заговор бидејќи таму пишува дека е актер и модел. По теориите на заговор, Куејден и неговата мајка исчезнаа од социјалните медиуми. Избришани се профилите на „Инстаграм“ и на двајцата. На нивно место сега профили отвориле измамници, создавајќи многубројни инстаграм-профили и твитер-профили, преправајќи се дека се тие.

Јарака изјави дека страницата „Stand Tall 4 Dwarfism“ била единствената страница на социјалните медиуми што таа ја користела.

Во меѓувреме, луѓето на социјалните мрежи се обидоа да го искористат моментот, создавајќи профили од нив двајца. Некои бараа донации, други следбеници, а трети постираа лажни линкови што ветуваа картички за подароци за „поддршка“ на Куејден и неговата мајка.

Куејден беше поканет да го води домашниот рагби-тим во Нов Зеланд.

Фото: Screenshot/YouTube

Неговата мајка, која откри дека Куејден отсекогаш сонувал да биде рагби-ѕвезда, рече дека тоа било најдобриот ден во животот на Куејден.

Куејден доби поддршка од целата Национална рагби-лига.

– Сакаме да ти посакаме сè најдобро. Знаеме дека поминуваш низ тежок период, но ние сме со тебе. Тука сме за да те поддржиме, другар – напиша Латрел Мичел од лигата.

Извор



912

X