Кајли Грајмс била премногу уморна. По месеци напор и постојана грижа за двете најмлади деца со дијабетес, нервите ѝ биле целосно истрошени, а нејзиниот сопруг не бил од помош со оглед на тоа што работел до доцна. Згора на сето тоа, нејзиниот 11-месечен син почнал да се дави затоа што голтнал земја.
Откако се јавила во Итна помош за да се увери дека детето е добро, таа се јавила и во полиција. На прашањето што е работата, Кајли одговорила дека самата таа е проблемот.
– Едноставно ми беше потребно олеснување. Ми беше потребен мир – телефоните да не ѕвонат, децата да престанат да се караат. Ми требаше само една минута за да си дојдам на себе – вели мајката.
По месеци обиди да ги исполни сите барања, Кајли била целосно исцрпена, особено затоа што покрај улогата на родител, таа морала да ја преземе и улогата на медицинска сестра за двете свои мали деца со дијабетес. Најмалиот Нобл имал помалку од една година, а половина од неговата исхрана зависела од мајчиното млеко, што дополнително ја зголемувало тежината на нејзината улога. Нејзиниот сопруг бил разбирливо загрижен.
– Кајли е таа за која најмногу се плашам. За неа е најтешко. Децата ќе бидат добро, имаат медицински план и јасни инструкции што треба да правиме, но Кајли е таа што го носи најтешкиот товар и мора да биде тука кога никој друг не може за да ги одржи децата во живот – истакнал нејзиниот сопруг Кајл Грајмс.

Профил на социјалните мрежи
Кајли создала профил на социјалните мрежи кога нејзините деца ја добиле дијагнозата, со цел да ја сподели нивната приказна и да им помогне на оние родители што се соочуваат со слични предизвици.
– Си помислив дека мора да најдеме начин да ја споделиме нашата приказна и да им бидеме утеха на другите родители – вели таа.
Сепак, почекала некое време пред да ја сподели приказната дека самата си викнала полиција. Сега, нејзината тик-ток објава има над 5 милиони прегледи.
– Причината зошто веднаш не го објавив видеото е бидејќи се плашев да не ме осудуваат. Се плашев дека ќе помислат дека не сум способна да се грижам за моите деца. Но, објавата ни даде можност да откриеме неверојатна заедница – вели таа.
Иако повикот до полицијата навидум не променил ништо во животот на Кајли и нејзиниот сопруг, се променила една мала работа.
– Со сопругот сфативме дека мора да побараме помош и цел овој товар повеќе да не го носиме сами – заклучила мајката.
Ако сте во ситуација како оваа мајка, експертите советуваат да се обратите на пријател или член на семејството кој ќе ве сослуша и може да ви помогне да се справите со дел од тие чувства. Доколку никој не е достапен, тогаш побарајте стручна помош.
Автор: Роси Колоси