Често се верува дека аутизмот е почест кај момчињата. А податоците, или поточно статистиката, честопати укажува кон истата насока – аутизмот е почест кај момчињата. Сепак, се чини дека овие статистики – без разлика колку се точни, не ја откриваат вистинската слика. Жените имаат иста веројатност да бидат аутистични како и мажите, но „проблемот“ е нешто друго.
Имено, ова верување е застапено затоа што има поголема веројатност на момчињата да им биде дијагностициран аутизам на толку рана возраст и до четири пати поголема веројатност да им биде дијагностициран во детството. Ова го покажала голема студија спроведена во Институтот „Каролинска“ во Шведска, која ги испитувала стапките на дијагностицирање аутизам кај луѓе родени во Шведска помеѓу 1985 и 2020 година. Од 2,7 милиони луѓе што биле следени, на 2,8 % им бил дијагностициран аутизам на возраст помеѓу 2 и 37 години.
Она што го откриле било дека до 20-годишна возраст, стапките на дијагностицирање кај мажите и жените биле речиси еднакви, со што се довеле во прашање претходните претпоставки дека аутизмот е почест кај мажите.
-Нашите наоди укажуваат на тоа дека родовиот јаз во преваленцијата на аутизмот е многу помал отколку што се сметаше претходно, поради недоволна дијагноза или доцна дијагноза кај жените и девојчињата – вели д-р Каролин Фајф, водечки автор на студијата.
Студијата покажала дека во детството, на момчињата им бил дијагностициран аутизам во просек три години порано отколку на девојчињата – средната возраст при дијагностицирање била 15,9 години за девојчињата, но 13,1 години за момчињата. Генерално, момчињата имале три до четири пати поголема веројатност од девојчињата да им биде дијагностициран аутизам пред 10-годишна возраст, иако се покажало дека девојчињата ги „стигнуваат“ до 20-годишна возраст, поради брзото зголемување на дијагнозите на аутизам во адолесценцијата.
-Овие набљудувања ја истакнуваат потребата да се испита зошто кај жените се дијагностицира подоцна отколку кај мажите – заклучуваат авторите.
Студијата, исто така, открила дека иако родовите разлики во стапките на дијагностицирање останале прилично конзистентни во текот на изминатите три децении кај децата под 10 години, тие брзо се намалиле за сите други возрасни групи.

-Наодите укажуваат дека соодносот меѓу мажите и жените за нарушувања од аутистичниот спектар се намалил со текот на времето и со зголемување на возраста при дијагностицирање. Овој сооднос меѓу мажи и жени може да биде значително помал отколку што претходно се сметаше, до тој степен што во Шведска повеќе не може да се разликува според возраста – сметаат авторите.
Многумина веруваат дека ова се должи на пристрасност во професијата или на алатките што се користат за дијагностицирање на аутизмот. Поради овие пристрасности, девојчињата на кои на крајот им е дијагностициран аутизам имале помалку од една третина веројатност да им биде дијагностициран пред 10-годишна возраст.
-Погрешно дијагностицираните аутистични жени можат да развијат проблеми со менталното здравје, како што се анксиозност и депресија, како резултат на недостиг на поддршка и исцрпеност од маскирање. Затоа е толку важно искуствата на аутистичните жени и девојчиња да не се занемарат и конечно да се отфрлат застарените стереотипи и неточните претпоставки – смета д-р Џудит Браун, раководител на одделот за докази и истражувања во Националното здружение за аутисти.