Здравје

На децата со аутизам често им недостигаат две хранливи материи, покажува нова студија

Милиони деца со аутистичен спектар можеби несвесно имаат недостиг на клучни витамини, според ново истражување кое ја истакнува врската помеѓу исхраната и аутизмот. Веќе е познато дека децата со аутизам имаат поголема веројатност да бидат пребирливи во исхраната и да имаат страв од непозната храна, но специфичните последици од таквите навики во исхраната не се доволно проучени.

Истражувачите во Сингапур ги проучувале навиките во исхраната на повеќе од 240 деца и откриле дека речиси 40 проценти од децата со аутизам имале недостиг на витамин Д и железо. Покрај тоа, повеќе од 15 проценти од децата со ниско ниво на железо развиле анемија – состојба во која телото нема доволно здрави црвени крвни зрнца за да пренесуваат кислород.

Научниците ги повикале здравствените власти да размислат за воведување рутински нутритивен скрининг за деца со аутизам. Пишувајќи во списанието „Нутриенти“, тие истакнале:

-Недостигот на витамин Д и железо е чест кај децата со аутизам. Раното откривање и лекување на овие недостатоци може значително да го подобри нивното здравје и развој.

Возраста на детето игра голема улога

Резултатите покажале дека 36,5 проценти од децата, во просек, на возраст од четири години, имале недостиг на витамин Д, а 37,7 проценти имале недостиг на железо. Колку се постари децата, толку е поголем ризикот – за секој дополнителен месец возраст, шансата за недостиг на витамин Д се зголемувала за 4 проценти.

Истражувачите забележале дека постарите деца имале поголема веројатност да развијат анемија од недостиг на железо. Сепак, кај пребирливите деца, таквата врска не е забележана, веројатно затоа што помладите деца почесто консумираат адаптирано млеко кое содржи додатоци на железо.

Авторите нагласиле дека студијата има одредени ограничувања – примерокот е релативно мал, а родителите кои учествувале можеби веќе биле загрижени за исхраната на своите деца.

Последици од недостигот на витамини и железо

Недостигот на витамин Д може да доведе до сериозни здравствени проблеми, како што се рахитис, болки во коските и мускулите и општа слабост. Недостигот на железо најчесто се манифестира со замор, бледа кожа, отежнато дишење и главоболки.

Важно е да се нагласи дека аутизмот не е болест, туку невроразвојна состојба со која се раѓа лицето. Постои во спектар – додека некои можат да живеат без дополнителна помош, на други им е потребна секојдневна поддршка.

Извор

Поврзани написи

To top