Децата се пресреќни кога ќе ги тргнат маските за да јадат или да се напијат вода. Постојано им треба потсетување, некои деца толку стресно и сериозно го сфатиле тоа, што ги опоменуваат своите другарчиња од одделението. Навистина треба сериозно да се сфатат препораките за скратување на времетраењето на часот, смета наставничката Душанка Јовановска

Еден месец помина од почетокот на учебната година, која овој пат почна со физичко присуство на основците и на средношколците, во училниците. Дезинфициенси, заштитни маски, топломери… се само дел од нештата кои задолжително мора да ги има во секоја училишна зграда. Учениците и вработените се навикнаа на новите правила, иако велат дека наидуваат на тешкотии кога станува збор за почитувањето на сите правила што ги наметна пандемијата на ковид-19.
Како изгледа еден ден на училиште на ученик во основно образование? Дали дечињата во одделенска настава се навикнаа на промените? За овие нешта Деца.мк поразговара со наставнички во две основни училишта.

Чекаат да ѕвони за одмор за да дишат

Maрија Богатиноска е одделенска наставничка во трето одделение во Основното училиште „Никола Карев“ во Пробиштип. Таа учи третоодделенци, на возраст од околу осум години.Во трето одделение буквално секој ден имаме по шест часа. Покрај редовните часови, мора да се одржуваат и часови за додатна и дополнителна настава, како и слободни ученички активности. Вкупниот неделен фонд на часови за трето одделение е 30 (27 + 3). Тоа е навистина премногу. Минатата година часовите траеја по 30 минути и некако се издржуваше. Оваа година е потешко. Од 7:30 до 12:15 часот децата на осумгодишна возраст се со маски на лицата – вели Богатиноска.
Единствено на часовите по физичко и здравствено образование, додава таа, кога учениците се надвор, ги симнуваат маските од лицата, откако претходно се дезинфицираат.

– Понекогаш и часовите по музичко или природни науки ги одржуваме надвор за да можат децата слободно да дишат, но и тогаш внимаваме да не си го допираат лицето и да одржуваат растојание. Помалите ученици се многу одговорни и лесно се навикнуваат на нивното секојдневие – додава наставничката.
Кај поголемите ученици потребна е поголема контрола и развивање свесно и совесно однесување.

– Навистина, сите се наоѓаме во еден многу тежок период, кој веќе предолго време трае и создава непријатност, нетрпеливост и нервоза и кај децата и кај возрасните. Меѓутоа, потребна е многу голема одговорност на целото општество за да не дојде до евентуален прекин на наставата со физичко присуство, која знаеме дека е најефективна и најдобра за учениците – потенцира Богатиноска.

Првачињата се најсреќни кога ги тргаат маските за да јадат

Тешко е 40 минути на час едно прваче да седи со маска, вели Душанка Јовановска, одделенска наставничка во Основното училиште „Панајот Гиновски“ во скопската Општина Бутел.

– Децата буквално се како рипчиња на суво. Пресреќни се кога ќе ги тргнат маските за да јадат или да се напијат вода. Постојано им треба потсетување, некои деца толку стресно и сериозно го сфатиле тоа, што ги опоменуваат своите другарчиња од одделението. Навистина треба сериозно да се сфатат препораките за скратување на времетраењето на часот – смета Јовановска.

Со добра организација, нагласува таа, на часот се постигнува да се сработи суштинскиот дел од секоја наставна содржина без да има прекин на наставата со физичко присуство, а истовремено да се зачувува личното, односно јавното здравје.

Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) неодамна побара од надлежните во Министерството за образование и наука (МОН) да се скрати наставниот час на 30 минути, а истовремено да се зголеми времетраењето на одморите, но засега нема промени во овој дел. Како што вели првиот човек на СОНК, Јаким Неделков, треба да се наоѓаат решенија кои ќе бидат погодни и за децата и за вработените во училиштата.

– Носење маска многу часови во текот на денот е штетно и е напорно. Ако се зголемат одморите, учениците ќе можат да излезат во дворот, да дишат воздух, а потоа ќе може да се вратат на часови – вели Неделков.

Бројот на заразени ученици се движи од 0,01 до 0,03 отсто

Според последните податоци на Министерството за образование и наука добиени од училиштата, бројот на новозаразени ученици се движи од 0,01 до 0,03 отсто од вкупно 240 илјади ученици, стои во едно од последните соопштенија на МОН.

– Тоа е исклучително низок процент. Исто така, над 72 отсто од наставниот кадар се вакцинирани, што е речиси двојно повеќе од националниот просек. Наш заеднички врвен приоритет е и треба да биде превенцијата на училиштата од ширење на ковид-19, бидејќи најдобро е учениците што подолго да ја следат наставата со физичко присуство во училниците. Затоа треба доследно да се почитуваат протоколите за заштита од раководствата, наставниците, учениците и родителите, бидејќи само така можеме да ги сочуваме училиштата безбедни и што подолго отворени за учениците. Протоколите се едноставни: задолжително носење заштитни маски на затворено, честа дезинфекција на рацете, мерење на телесната температура при влез во училиштата и често проветрување и одржување хигиена во училишните простории – стои во соопштението на МОН



912

X