Знаеме дека од првиот ден бебињата имаат голема корист од зборувањето, читањето наглас, па дури и пеењето, за да го научат јазикот. Но, модерното родителство значи и да се биде позафатен од кога било, а тоа предизвикува дилема кај родителите, па тие се прашуваат дали телевизорот или другите екрани се безбедна опција за слушање за бебињата, за на тој начин да учат говор, додека ние извршуваме други работи низ куќата. Еве што велат експертите.
Бучавата во заднина е штетна за учењето
Американската академија за педијатрија препорачува децата помлади од 2 години воопшто да не гледаат телевизија. Но, да бидеме реални, понекогаш треба да вклучите цртани филмови или канал за детски песни додека се обидувате да готвите ручек, да перете алишта или да го смирите расплаканото дете. Иако многу родители имаат некакво знаење дека гледањето телевизија не е добро, повеќето не се свесни за негативните ефекти што телевизијата може да ги има врз малите деца, особено кога телевизорот се слуша како бучава во заднина.
Верувале или не, бебињата ќе почнат да кажуваат самогласки веќе на 2 месеци, а до 4 месеци некои може дури и да влезат во фаза на џагор. Бебињата можеби се мали, но нивниот мозок е супермоќен (и зафатен!). Апсорбираат сè што слушаат околу себе додека се обидуваат да ги испуштат првите звуци. Значи, сите зборови, звуците што ги слуша вашето бебе, одат кон таа „банка“ на знаење, што на крајот ќе му помогне на детето да ги формира своите први зборови.
Сепак, не се сите звуци и зборови еднакви во однос на квалитетот. Звуците во заднина може повеќе да го одвлекуваат вниманието отколку да помогнат, така што оставањето на телевизорот постојано вклучен може да биде поштетно за јазични вештини на вашето бебе, кои се во развој. Ова е главно така затоа што јазикот е општествен феномен и треба да доаѓа од човечките суштества лично, а не од телевизијата.
Се покажало дека вклучениот телевизор во заднина го намалува учењето јазик. Бидејќи на бебињата им е тешко да разликуваат звуци, бучавата во заднината на ТВ е особено штетна за развојот на јазикот.
Премногу време поминато пред екранот може да влијае врз развојот на мозокот кај децата
Во првата лонгитудинална студија од ваков вид, истражувачите следеа и проучуваа група деца на возраст од 2, 3, 5 и 6 години. Истражувачите откриле дека кога децата биле изложени на телевизорот како бучава во заднина на 2-годишна возраст за време на оброците, тие доживеале статистички значаен пад на вербалниот коефициент на интелигенција, до моментот кога тргнале во градинка.
Американската академија за педијатрија објавила студија која покажала дека американските деца се изложени на просечно 232,2 минути шум на ТВ во заднина секој ден. Можеби не е изненадувачки за родителите кои остануваат дома, но во студијата се истакнува дека децата кои се најмногу изложени на звуци на ТВ во заднина се бебињата и малите деца, кои исто така се најранливи на тие негативни ефекти.
На бебињата им треба разговор во живо
Значи, која е разликата помеѓу зборувањето на ТВ и разговорот лично со бебето кое сè уште не може ни да зборува? Всушност, голема е разликата.
Кога бебињата и малите деца се впуштаат во интеракции со нивните родители во форма на прашања и коментари, тие се во фокусиран начин на размислување, а нивните мозоци работат напорно за да дознаат повеќе за тоа како функционираат јазикот и комуникацијата. Комуникацијата меѓу две лица бара да се обрне внимание и да се земат предвид и невербалните знаци, како што се говорот на телото, тонот на гласот, изразите на лицето и многу повеќе. Додека слушањето медиуми е пасивна активност која воопшто не бара многу внимание.
На пример, кога ќе му кажете на вашето бебе: „Те сакам!“ и покажувањето кон себе за „јас“ и потоа покажувањето на вашето бебе кога ќе кажете „ти“, му помага на вашето бебе да разбере дека тие зборови имаат специфично значење. Додека, ако бебето ги слушне зборовите „те сакам“ од телевизорот, тоа нема да му значи многу.
Истражувањата покажуваат дека разговорот лице в лице е најефективниот начин да го научите вашето бебе како да зборува и дека звуците во заднина (како оние од телевизорот) не прават ништо повеќе, туку само му го одвлекуваат вниманието на вашето дете од размислувањето, што потенцијално ќе доведе до лоши резултати од учењето подоцна. На крајот на краиштата, бројот на зборови што му се кажуваат на детето е директно пропорционален на големината на неговиот речник. Зборовите што ги слушаат на телевизија, видеата, радио или други такви дразби, не се бројат.
Начини да вклучите повеќе разговори лице в лице
Додавањето повеќе разговор во денот на вашето бебе не мора да значи да го исчистите распоредот и да седите со часови во разговор лице в лице. Освен тоа, би било досадно и за двајцата! Наместо тоа, обидете се да најдете можности во текот на денот што можат да додадат богати јазични искуства на вашето бебе. Еве неколку идеи што можете да ги испробате.

Читање наглас
Направете рутина за читање за целото семејство. Читањето е фантастична активност што треба да се вклучи во рутините пред спиење, за семејно поврзување и релаксација. Секако, можете да му читате приказни на вашето бебе, но можете да читате и весници, рецепти, упатства или што било со зборови. Сите видови гласно читање може да му помогнат на вашето бебе да слуша повеќе говор и контекст – нешто што произлегува од вас.
Пејте му на вашето бебе
Пеењето може да биде забавен начин да бидете будалести и разиграни со вашето бебе, но исто така е прекрасен и смирувачки начин да го заспиете вашето бебе. Но, пеењето има и некоја тајна моќ. Според Уницеф, пеењето на вашето бебе може да го намали неговиот пулс и да го смири. Пеењето, исто така, ги активира сите области на мозокот на вашето дете и му помага да ги апсорбира јазичните вештини.
Раскажувајте за вашите обврски
Еден паметен начин да го научите вашето дете повеќе зборови во текот на денот е да му кажете што правите. Ако перете алишта, можете да разговарате за чекорите на перење, сушење и диплење на алиштата. Можете дури и да ги истакнете боите, текстурите и напишаните зборови на омилената кошула или посебното бебешко ќебе.
Разговарајте со други лица пред детето
Следниот пат кога ќе разговарате со група други возрасни, држете го вашето бебе в прегратка и оставете го да прислушува. Детето ќе слуша различни гласови, изрази и нови зборови, а сето тоа може да помогне во изградбата на тие напредни јазични вештини.
Автор: Јасна Дреновац