Драга (идна) мајко…

Овој текст го напишав за тебе, но не со намера да ти солам памет или да те убедам во моите погледи на светот. Додека пишував, се водев најнапред од моето искуство од бременоста и мајчинството, потоа од искуството во работа со клиенти и, секако, од стручната литература.

Знам дека си среќна што си бремена. А можеби не си (во моментов). Не ја знам твојата приказна, а верувам, ниту многу луѓе околу тебе. Не знаат ни дали и колку си морала да се бориш за да забремениш. Дали имаш некои претходни дијагнози кои и онака ти го отежнуваат животот?

Дали ја имаш поддршката од партнерот или си сама во сето ова… Затоа, не земај ги при срце туѓите коментари. Само ти знаеш низ што си поминала за да бидеш таму каде што си денес, и биди горда на себе, затоа што треба да бидеш!

Знам и дека се плашиш. Ако си првпат мајка, дали ќе знаеш што му треба на твоето бебе? Како ќе знаеш дека бебето добро се развива во утробата? Дали му даваш доволно хранливи материи?

Знам и дека веројатно не си задоволна со начинот на кој изгледаш во моментов. Ја поддржувам твојата одлука да се здебелиш или ослабиш, да тренираш или да се одмориш, сѐ додека не заборавиш дека прво треба да размислуваш за своето здравје – и физички и психички. Твоето тело минува, или поминало, низ исклучително тежок период и мислам дека заслужува да се одмори и да се гордееме со фактот дека успеало (или успева) да донесе нов живот во светот. Знам дека ќе ти биде убаво, но и дека нема да ти биде лесно.

Ќе те критикуваат за доењето. Ќе го критикуваат начинот на кој си се породила, што ќе биде вовед во многу други работи во воспитувањето што ќе ги правиш на свој начин, а на народот нема да му се допаднат. Оние со поголеми деца ќе ти кажат да уживаш додека трае, оние со малку поголеми деца ќе ти кажат дека „најлошото“ допрва доаѓа… Те молам, имајте предвид дека секој зборува од своја перспектива и дека секој има различно дете. И ова не го пишувам за да те плашам, туку за да те зајакнам.

Некои одлуки се исклучиво твои, а некои ќе ги носите заедно, вашиот партнер и вие. Сите други може или не мора да бидат вклучени во нешто поврзано со вашето мало, ново, семејство. Искрено се надевам дека ќе ја имаш поддршката што навистина им е потребна на трудниците и младите мајки. Се надевам и дека нема да се срамиш да побараш некој да ти направи супа ако те боли раната и не можеш да станеш.

Те молам запомни го следново: Штотуку породената жена има многу фронтови на кои треба да се докажува, но кујната и крпата дефинитивно не треба да бидат дел од тоа, додека не закрепнат убаво и не почувствуваат дека можат физички да го направат тоа. Во светот, а особено на Балканот, ги величаме жените кои по породувањето имаат сила да цепат дрва и да се однесуваат како ништо да не било. Уште полошо, оние што не се породиле „херојски“ често се жртви на негативни коментари, каде што се окарактеризирани како разгалени и неспособни.

Дополнителен проблем со величањето на ова однесување е што тоа за многумина е недостижен стандард. Значи, покрај сите дополнителни проблеми, родилката треба дополнително да се „убие со помислата“ дека не е физички закрепната и способна како жените во претходните генерации. Искрено, срцето ми крвави за сите тие жени. Посакувам да можев да ги прегрнам сите и да им кажам дека ми е жал што некогаш се почувствувале како да треба да размислуваат за сето ова, наместо само за бебето и за себе, и дека немаат поддршка за да разберат дека мора да бидат во ред прво самите, за нивното бебе да биде добро. И кога мајката е добро, тогаш сѐ друго ќе биде успешно направено.

Жената која штотуку се породила ја доживеала најголемата можна болка на светот и е физички и емоционално исцрпена од бременоста и породувањето. Таа штотуку донела нов живот на светот. На пример, кога ќе слушнеме дека некого нешто го боли, често му велиме да не се мачи и да се одмори – а сепак, кога е во прашање породувањето, има премолчени „натпревари“ и очекувања дека жената штом ќе се породи, треба веднаш да го прави сето она што го правела порано.

Ако штотуку се породивте – честитки, завршивте фантастична работа! Не дозволувајте некој да ја намали вашата радост или значење.

Драга мајко, драга идна мајко…

Сè додека се трудиш, додека се занимаваш со твоето дете, тоа е знак колку се грижиш. Нема никој подобар за твоето дете од тебе, и без разлика што некој рекол или размислувал за тоа – ти му значиш сѐ на светот на твоето дете. Запомни го тоа во деновите кога се чувствуваш безвредно. И запомни ги овие зборови кога малечките, најубави очи ќе те гледаат со фасцинација. Запомни се себеси – затоа што сè започнува од тебе. И љубовта, но и личните граници.

Автор: Нурка Реџепагиќ-Булиќ/психолог и автор на книгата „Менталното здравје на трудниците и родилките“

Извор



912

X