За тестирањето е потребно учениците логички да размислуваат и да читаат со разбирање, вели Елизабета Наумовска, директорката на ДИЦ

На 1 и 2 јуни годинава ќе се проверува знаењето на третоодделенците по наставните предмети македонски или албански јазик и математика, во рамките на државното тестирање што го спроведува Државниот испитен центар (ДИЦ).

Преку ова тестирање ќе се проверат математичките и јазичните вештини на третоодделенците, односно прашањата ќе ги тераат учениците да размислуваат и попродлабочено да ги исчитаат текстовите и задачите за да можат да дадат соодветни одговори.

Според Елизабета Наумовска, директорка на Државниот испитен центар, со ова државното тестирање ќе се добијат објективни и веродостојни податоци за остварувањето на стандардите на постигнувањата на учениците за наставните предмети.

– Со резултатите од ова тестирање образовните власти ќе прават анализи како да се направи подобрување на квалитетот во образовниот систем. Особено е важно да се напомене дека нема да има оценки за учениците, но нема да има награди, ниту казни за наставниците – посочува Наумовска.
Најавува дека следната година вакви тестови ќе полагаат учениците од петто одделение, а годината потоа и тие од деветто одделение.

– Едноставно, за тестирањето е потребно учениците логички да размислуваат и да читаат со разбирање – додава таа.
Со ова тестирање се опфатени 79 училишта на македонски наставен јазик и 41 училиште на албански наставен јазик во кои бидат тестирани 4.200 ученици по мајчин јазик (македонски јазик или албански јазик) и 1.600 ученици по математика (на македонски и на албански јазик).



912

X