По 34 години во образованието, Надин Грејвс, наставничка по историја од Тампа, Флорида, мислеше дека повеќе ништо не може да ја изненади. Но, откако на „Тик-ток“ ги покани колегите да споделат кои се најнеразумните и најапсурдни пораки што ги добиле од родители, се увери дека има уште што да се види.
– Мислам на оние е-пораки по кои ти требаат два или повеќе часа за да се смириш пред да одговориш. Наставниците премногу често ги задржуваат емоциите во себе, па сакав да им понудам безбедно место за да се изразат – објаснува Грејвс.
Некои од пораките што ги добила се:
– Една мајка ме нарече себична затоа што не ја завршив учебната година, а се породив во мај.
– Родителка ме пријавила кај директорот и кај инспекторот затоа што излегов со другарки и пиев, во јули! Дури испратила фотографии.“
– Очигледно е дека не сте родител, ми напиша една мајка додека активно одев на ин витро постапки.
– Работам како воспитувачка во градинка. Мајка ми напиша дека нејзиното дете имало страшни кошмари од музиката што им ја пуштав додека заспиваа, а е инструментална дизни-музика.
– Една мајка рече дека нејзиниот син се досадувал на час. Детето извади ноже и ги плашеше другите.
– Ученик призна дека препишувал. Другиот ученик призна дека му помогнал. Му пишавме на родителот. Одговорот почнуваше со: – Моето дете не препишуваше.
– Родителка се обратила директно кај просветниот инспекторат затоа што не ѝ се допаѓала должината на моето породилно отсуство. Рече дека ги трошам парите на даночните обврзници.
-Една мајка ми се налути затоа што не ѝ се јавив кога ќерка ѝ се сопна на физичко. Ја прашав дали сака да оди кај медицинска сестра, рече не. Мајката инсистираше дека требало да пополнам извештај за инцидентот и да се јавам дома. Девојчето е деветто одделение.
Иако Грејвс вели дека има „одлични односи“ со родителите на нејзините ученици, вели дека овие приказни ѝ отвориле очи колку предизвици имаат нејзините колеги низ земјата.
Таа верува дека клучот за подобра соработка лежи во потсетувањето дека и наставниците и родителите се на иста страна и дека сите сакаат децата да успеат и да се чувствуваат добро.
– Сакам родителите да сфатат дека сме луѓе. Правиме грешки. Но тука сме затоа што ги сакаме децата и сакаме да ги видиме како напредуваат – вели таа.