Ако нешто е постојано барано на интернет, тоа се совети. Заборавете на вести, спорт или слатки видеа со животни, советите се она што луѓето го пребаруваат од утро до вечер. Особено популарна категорија се советите за родителство. Дел од нив навистина се корисни, но не сите. Па, како да се направи разлика?
Реално, многу тешко. Можете да се потпрете на експерти, но ни тоа не е гаранција. Можете да следите и други мајки, но важно е тие да одговараат според вашите вредности. Ако, на пример, сте приврзани за структуриран пристап во воспитувањето, веројатно нема да ве привлече некоја што го промовира т.н. „слободно родителство“.
Една од мајките која е особено омилена во родителските кругови на социјалните мрежи е Кејтлин Мари, позната како @bigtimeadulting. Таа е мајка на три деца и има речиси два милиони инстаграм-следбеници благодарение на своите смешни и реални согледувања за родителството кои често ги кажува без никакви филтри. Во едно неодамнешно интервју ѝ беше поставено прашањето: „Кој е еден совет за родителство што никој не треба да го слуша, ниту пак да го дели?“
– Постојаното размислување за сите тие емоции, цело време. Секако дека сакам моите деца да бидат отворени и да доаѓаат кај мене со своите проблеми. Но, поради сите информации што денес ни се достапни за родителски стилови и трендови, постојано имаме притисок дека мора да изведеме совршено среќно, емотивно стабилно дете – вели таа.
Искрено, нека крене рака оној што никогаш не се почувствувал како да го расипува своето дете поради некоја погрешна родителска одлука или грешен чекор. Да, сите го правиме тоа. Последицата? Претерана грижа и премногу анализирање.
– Сето тоа претерано анализирање нè вади од реалниот момент. Само живејте го животот – вели Мари.

Во свој стил, таа шеговито го опиша моментот кога родителите очајно се обидуваат да ги следат сите најнови трендови, надевајќи се дека тоа е вистинскиот пат.
– Некои родителски стилови едноставно не се за мене. Секогаш кога ќе се обидам да копирам некој нов тренд, моите деца остануваат збунети. „Каде е мама? Зошто овој вонземјанин ми зборува чудни работи?“ Така реагираат затоа што кога користам други родителски стилови, не звучам како јас.
Заклучокот? Понекогаш или секогаш најдобро е прво да се послушате себеси, а потоа да барате што вам најмногу ви одговара. Следењето совети во родителството не гарантира ништо. Вистинската вредност лежи во доследноста, автентичноста и љубовта.