ПРАШАЊЕ: Моето девојче има 6 години, а изминативе месеци ни беа доста стресен период… развод. Додека траеше постапката за развод, детето поминуваше низ тешки манипулации и закани, па за жал една од заканите се претвори во „реалност“ – доживеа сообраќајна несреќа со телесни повреди. За време на несреќата била свесна, па сега и при најмала бучава од околината или звук на мотор се соочува со проблеми. Почна и да мокри в кревет навечер додека спие. Често сонува и знае да плаче во сон. Забележувам и промена во комуникацијата, помалку е зборлива, игнорира кога некој ќе ја праша нешто, не сака да разговара, не се поздравува или е премногу нервозна и не остава никој да ја допре, освен мене и мајка ми. Пред сообраќајката беше весело и зборливо дете полно со љубов, љубопитност и желба за игра. Би сакале да најдеме психолог да работи со нас откако ќе помине периодот на закрепнување на повредите или дали е подобро да се почне порано.
ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост и жалам за настаните што донеле толку многу стресни ситуации. Вашето девојче поминало низ повеќекратни тешки искуства. Секој од овие настани сам по себе претставува огромен товар за детето, а кога тие се случуваат во краток период, детето чувствува дека светот станал небезбеден и непредвидлив. Тоа е и причината за симптомите што ги забележувате, како повлекување, кошмари, мокрење навечер, избегнување контакт со луѓе. На тој начин таа покажува дека е преплашена и ранлива.
Во вакви ситуации, најважно е прво детето да почувствува сигурност. Да знае дека вие сте тука за неа и дека ништо лошо нема да ѝ се случи додека е со вас. Но понатаму и со таткото, доколку детето има развиен однос со него. Таа сигурност не се гради толку преку зборови, туку преку смиреност, ваше присуство и допири. Дозволете ѝ таа да го поставува својот ритам кога сака да молчи, да молчи, … ако не сака да се поздравува, нека не се поздравува. Важно е да не ја форсирате, туку да бидете тука и да ја поддржувате.

Во однос на психолошка поддршка, не мора да чекате да закрепнат телесните повреди за да почнете со работа со психолог. Напротив, токму сега е време кога професионалец може да ѝ помогне да ги изрази своите чувства на безбеден начин и да го процесира стравот. Бидејќи детето не може само да ја „свари“ траумата, потребен ѝ е некој кој ќе ѝ помогне да ги среди своите внатрешни доживувања.
Мој совет е да започнете со психолошка поддршка што е можно поскоро. Најдобро е тоа да биде не толку директен пристап, постепено, преку игра, цртање, креативно изразување, нешто во кое таа може да се чувствува сигурна. Во исто време и вие да работите на себе за да ѝ помогнете во тој процес и секако бидејќи и вие сте поминале низ стресни ситуации – да обезбедите еден вид своја поддршка и да мислите на вашата стабилност, која понатаму ќе биде најголем ресурс за вашето дете.
Доколку ви е потребна дополнителна помош за тоа како да постапувате, како и за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova