Една нова студија, објавена во списанието „Збирка на трудови на Националната академија на науки“ од САД, е дополнителен доказ дека нарушувањата во секојдневните рутини може да придонесат за развој на проблеми во однесувањето, зголемување на нарушувањата во исхраната и развој на анксиозност и депресија кај адолесцентите – и девојчиња и момчиња.

Научниците од Институтот за истражување и наука на мозокот (Ај – ЛЕБС) ја започнале студијата користејќи магнетна резонанса уште во 2018 година за да утврдат како се развивала структурата на мозокот на 160 тинејџери од областа Сиетл. Учесниците во студијата, речиси еднаков број на момчиња и на девојчиња, биле на возраст меѓу 9 и 19 години на почетокот на студијата.

Водачот на истражувањето, Патриша Кул, истакнала дека тие не можеле да ги следат скенирањата на мозокот до 2021 година, откако започнал карантинот поради ковид-19 во 2020 година, поради што го префрлиле фокусот на студијата за да дознаат како изолацијата влијаела врз структурата на мозокот на адолесцентите. Со мерење на дебелината на церебралниот кортекс – надворешниот слој на мозочното ткиво што ги контролира неговите функции на повисоко ниво, како што се расудувањето и одлучувањето – тие откриле дека мозокот на тинејџерите старее предвреме – за 1,4 години, додека скенирањето на мозокот на девојчињата покажало забрзано стареење за дури 4,2 години, според студијата.

Церебралниот кортекс природно се разредува како што старееме. И хроничниот стрес може да предизвика слични промени во мозокот. Но, во периодот од три години помеѓу првото скенирање и следењето, церебралниот кортекс се разредил кај тинејџерите многу повеќе отколку што очекувале истражувачите.

-Како што старееме, разредувањето на кортексот е поврзано со помалку време за брзо процесирање на информациите, помалку флексибилно размислување и сите други проблеми што ги поврзуваме со стареењето. Генерално, го забележавме ова забрзано стареење кај сите тинејџери што учествуваа во истражувањето.

Стареењето на мозокот е поизразено кај тинејџерките

Стареењето на мозокот било поизразено кај тинејџерките. Скенирањето покажало дека истенчувањето е широко распространето низ мозокот на девојчињата, што се случува во 30 региони во двете хемисфери и во сите лобуси. Во машкиот мозок, истенчувањето било ограничено на само два региона, и двата во окципиталниот лобус, кои влијаат врз перцепцијата на растојанието и длабочината, препознавањето на лицето и меморијата.

Поголемото влијание врз девојчињата може да се должи на разликите во важноста на социјалната интеракција за девојчињата во споредба со момчињата, според Кул. Момчињата се собираат за спорт и физичка активност, а девојчињата се потпираат на личните односи за емоционална поддршка и развој на сопствениот идентитет.

-Кога девојчињата и жените се под стрес, постои природен одговор да се здружат и да разговараат за тоа, па ќе се ослободат окситоцинот и другите невротрансмитери кои прават да се чувствуваат добро – истакнала д-р Елен Ром, шеф на одделот за адолесцентна медицина во болницата во Кливленд.

Што значи предвременото стареење на мозокот во секојдневниот живот на младите луѓе кои биле принудени да се справат со пандемските ограничувања, често сами во своите соби?

Дали постојат долгорочни ризици за „мозоците на пандемијата“?

Истражувањето не укажува дека карантините предизвикале промени во мозокот. Имено, нарушувањата на менталното здравје биле во пораст кај децата и пред пандемијата на ковид-19. Но, студијата сугерира дека истенчувањето на кортексот може да биде поврзано со зголемена анксиозност, депресија и други нарушувања во однесувањето, смета Кул.

Друга студија за скенирање на мозокот спроведена во 2022 година на Универзитетот „Стенфорд“ покажала слични промени во дебелината на кортикалниот мозок кај тинејџерите, за време на ограничувањата поради ковид-19. Истражувачите од „Стенфорд“ ги споредиле стресот и нарушувањето предизвикано од пандемијата со детските трауми, како што се насилството, запоставувањето и семејната дисфункција. Кул истакнува дека пандемијата била трауматично време за сите, особено за младите луѓе кои доживуваат интензивни промени во нивниот емоционален и бихевиорален развој во тој период од животот. Изолацијата имала уште поштетно влијание врз нивното емоционално здравје.

-Пандемијата беше драматична и неочекувана, на некој начин драматична и катастрофална не само за физичкото, туку и за менталното здравје – смета Кул.

Од 2021 година неколку извештаи за менталното здравје на младите од Центрите за контрола и превенција на болести во САД откриле невидени нивоа на безнадежност и самоубиствени мисли кај тинејџерките и момчињата. На почетокот од август, истражувањето на ЦДЦ покажало мало подобрување на менталното здравје кај тинејџерите, иако дури 53 отсто од средношколките велат дека сè уште чувствуваат постојана тага.

-Постојат периоди во развојот на мозокот кога одредени видови учење се најефективни, вели д-р Џонатан Познер, професор по психијатрија на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Дјук“, наведувајќи го како пример странскиот јазик што е многу полесно да се научи како дете отколку како возрасен.

-Тинејџерските години се исклучително важни за општествениот развој. Ако не постои таа социјална интеракција, едноставно нема можност за таков вид социјално учење. Кората не може повторно да расте и продолжува да се намалува во текот на животот.

-Сè уште не е целосно јасно дали прераното стареење на „пандемичниот мозок“ на младите луѓе може да биде изложено на поголем ризик од развој на нарушувања како АДХД и депресија, а можеби дури и болести како Алцхајмерова и Паркинсонова болест – вели Кул.

Децата се издржливи и може да им се помогне да се вратат во нормала

Многу детски социјални вештини заостануваат по пандемијата. Во овој период, тие ја изгубиле способноста да се движат во општествениот свет со своите врсници. Но, експертите велат дека губењето на вештините за социјалната интеракција не мора да биде трајно, ако и социјалните интеракции и односите на младите луѓе се опбновиле по пандемијата.

-За среќа, децата се навистина издржливи и можеме да им помогнеме да се вратат во нормала. Но, истовремено не сакаме да се залажуваме мислејќи дека сето тоа е безначајно. Напротив, тоа имаше значително влијание врз нивниот раст и развој – смета Познер.

Извор



912

X