Бременоста предизвикува огромни, веќе познати промени во телото, а новото истражување покажува дека и мозокот претрпува големи промени, некои привремени, а некои долготрајни.

Научниците велат дека првпат успеале да ги мапираат промените што се случуваат кога женскиот мозок се реорганизира како одговор на бременоста, врз основа на скенирања направени 26 пати, почнувајќи од три недели пред зачнувањето до девет месеци од бременоста, а потоа две години по породувањето.

Истражувањето документирало широко распространето намалување на волуменот на кортикалната сива материја, како и зголемување на микроструктурниот интегритет на белата маса лоцирана подлабоко во мозокот. Двете промени се совпаднале со зголемувањето на нивото на хормоните естрадиол и прогестерон.

„Шокантно е што во 2024 година немаме информации за тоа што се случува во мозокот за време на бременоста“

Сивата материја е составена од клеточните тела на нервните клетки на мозокот, додека белата материја е составена од снопови аксони, нервни клетки кои носат сигнали во врски на долги растојанија низ мозокот.

– Шокантно е што во 2024 година немаме речиси никакви информации за тоа што се случува во мозокот за време на бременоста. Оваа работа покренува повеќе прашања отколку – вели Елизабет Кристил, когнитивен невролог од Универзитетот во Калифорнија, која и сама била дел од истражувањето.

Кристил изјавила дека за време на истражувањето не била свесна за податоците кои покажуваат промени во нејзиниот мозок и дека не се чувствувала поинаку.

Научниците велат дека откако истражувањето завршило, тие го забележале истиот модел кај неколку други бремени жени кои биле подложени на скенирање на мозокот во тековната истражувачка иницијатива наречена „Проект за мајчин мозок“, која има цел да го зголеми бројот на испитаници.

„Никогаш не сме биле сведоци на метаморфоза на мозокот“

– Претходните истражувања правеа скенирање на мозокот пред и по бременоста. Но, никогаш не сме виделе мозочна метаморфоза – додава Емили Џејкобс, невролог од Универзитетот во Калифорнија.

Скенирањето покажало просечно намалување од околу 4 отсто од сивата материја во приближно 80 отсто од проучуваните региони на мозокот. Малото закрепнување по породувањето не го вратило волуменот на нивоата пред бременоста. Истражувачите велат дека не е јасно дали губењето на сивата материја е лоша работа.

„Ова покажува колку е приспособлив мозокот“

– Оваа промена може да укаже на калибрација на мозочните кола, слично на она што им се случува на сите млади луѓе додека минуваат низ пубертетот. Исто така, некои од промените што ги забележавме, може да бидат одговор на високите физиолошки барања на бременоста, покажувајќи колку мозокот може да се приспособи – рече Лаура Причет, постдокторски соработник на Универзитетот во Пенсилванија и главен автор на истражувањето.

Извор



912

X