Ако вашето 13-годишно дете почна да не ве слуша кога зборувате, не си замислувате работи. Ново невронаучно истражување открило дека ова вообичаено однесување кај тинејџерите всушност има биолошка основа. Истражувачите од Универзитетот „Стенфорд“ откриле дека мозокот на адолесцентите почнува да им дава предност на надворешните гласови наместо на гласовите на родителите. Науката нуди ново објаснување за една од најтешките фази во родителството.
На 13 години мозокот на тинејџерите доживува голем пресврт: нагло опаѓање на реакцијата на родителскиот глас. Овие резултати даваат научно објаснување за тоа зошто тинејџерите престануваат да ги слушаат родителите и почнуваат повеќе да се насочуваат кон своето друштво.
Истражувачкиот тим од „Стенфорд“ спровел повеќегодишно истражување со 46 деца на возраст од 7 до 16 години и нивните мајки. Ги снимиле гласовите на мајките и потоа им ги пуштале на децата додека со напредна технологија ја следеле активноста на нивниот мозок.
Резултатот? Револуционерeн увид во тоа како мозокот на детето реагира на познат глас. Истражувањето, објавено во „Журнал оф неуросајнс“, оди подлабоко од класичната психологија и директно ги открива невролошките корени на тинејџерското однесување.
Она што го издвојува ова истражување е фокусот кон мозокот. Наместо да се потпира на анкети или набљудување, тимот ја следел реалната мозочна активност поврзана со возраста и препознавањето на гласовите.
Ова е најфасцинантниот дел: пред 12. година мозокот на децата буквално „свети“ кога ќе го слушне гласот на мајката. Тоа е јасен показател колку е важна родителската врска во раното детство – мозокот е програмиран да ги препознава и приоретизира познатите, семејни гласови.

Но, околу 13. година сè се менува. Одеднаш мозочната реакција на родителскиот глас нагло опаѓа, додека реакцијата на непознати гласови расте. Дури и гласови на целосни странци имаат поголемо влијание во аудитивниот свет на тинејџерот.
Оваа промена во мозокот објаснува зошто родителите често чувствуваат дека „излегуваат од игра“ кога нивните деца ќе влезат во пубертет. Тинејџерите биолошки почнуваат да реагираат повеќе на надворешни влијанија отколку на сопственото семејство.
Ова не е бунт, туку биологија. Околу 13. година мозокот почнува да се подготвува за независност, барајќи пошироки социјални врски. Ова на младите им помага постепено да создаваат свој живот надвор од домот.
Неколку фактори влијаат врз тоа колку брзо или бавно се случува оваа промена:
- Силата на семејните односи;
- Општествената изложеност преку училиштето или активностите;
- Културната и образовната средина;
- Социо-економската заднина.
Кај некои тинејџери оваа промена се случува порано, кај други подоцна, но во секој случај е нормална. Таа разновидност само покажува колку е сложен процесот на мозочна трансформација во оваа фаза.
Што значи ова за родителите?
Постојат добри вести: селективното слушање на вашето дете не е лично. Не ве игнорира од инает, туку така му функционира мозокот во моментот. Разбирањето на тоа може да го намали чувството на одбивање.
Исто така, истражувањето нуди и попаметни стратегии за родителство. Наместо да го кревате гласот или да повторувате по десет пати, обидете се да користите посредници: наставници, тренери или пријатели на кои вашето дете им верува.
Конечно, ова откритие поттикнува повеќе трпеливост и емпатија кон адолесцентите. Кога ќе разбереме дека во основата на нивното однесување стои хемијата на мозокот, а не лошо однесување, можеме полесно да ги прифатиме и поддржиме.