Имам 4 деца, 4 спални соби и 4 тоалети. Немам 4 раце за да ги исчистам, или да ми биде гајле за тоа. Не сум Џун Кливер (главен лик во американски ситком – пример за домаќинка во 50-тите години). Нејзината куќа беше чиста и средена, оброците гурмански, а секогаш имаше коктел во раката кога сопругот си доаѓаше од работа. Совршена слика. Дајте ми ја Пег Банди (исто така лик од ТВ-серија, но далеку од „совршена“ домаќинка) кој било ден од неделата. Таа беше совршено среќна што е просечна. Јас секако имам црвена коса како неа и премногу парчиња облека со леопардски принт, па ве молам дозволете ми бидам како неа.
Јас сум невработена мајка, но не сум прекрасна домаќинка. Не се будам рано и не ги местам креветите. Не живеам за да ми биде блескав подот. Мирисот на средство за чистење не ме возбудува. Имам многу време за да го сторам тоа, едноставно не сакам. Сега, пред да почнете да мислите дека мојот дом е целосно неуреден – не е. Едноставно не е секогаш подготвен за „шоу“. Сигурно ќе најдете неколку садови во мијалникот. Играчки расфрлани во дневната соба. И без сомнение, сигурно има валкани алишта на подот од собата каде што е машината за перење. Не разбирам. Никогаш не завршува денот. Моите деца носат униформи. Од каде излегува сета таа облека? Но, се тргам од поентата. Едноставно има од сè по нешто распрскано низ целиот дом.
Имам знак во горниот ходник на кој пишува: „Извинете за нередот, но моите деца креираат спомени“
Претпоставувам дека можам да ангажирам чистачка. Да исчисти и да ја собере прашината. Но, ќе морам да исчистам дел за да биде спремно за чистачката. Таа нема да ги исчисти со правосмукалка облеките на куклите. Имавме еднаш чистачка кога стапивме во брак и немавме деца, а домот беше уреден. Тоа беше глупаво. Требаше да ги заштедиме парите за нешто подобро. На пример, хеланки за јога во кои нема да вежбам.

Готвам секоја вечер. Таа област е под моја контрола. Најмногу зашто луѓето со кои живеам навистина се жалат и лелекаат ако не се нахранети. Тоа не ми е омилена област. Нашите оброци не се којзнае што, но се топли и послужени навреме. Ве молам, некој нека ми даде медал што го правам она што треба за своите деца.
Кога зборуваме за деца, имам 3 момчиња и едно девојче. Момчињата се на училиште, а ќерка ми оди во градинка. Попрво би ги поминала деновите на подот со детски женски играчки отколку да се грижам како е организиран плакарот на ќерка ми. Таа има 4 години и сака сè да извади на подот и да си ужива. Тоа е во ред, според мене.
Ако наминете ненајавени, не очекувајте да бидете импресионирани
Кога јас бев дете, имав куќа за барбики која никогаш не ја кревав и го поминав целото детство играјќи си со неа. Тоа е она што го помнам. Сакам и моите деца да запомнат такви работи.
Имам знак во горниот ходник на кој пишува: „Извинете за нередот, но моите деца креираат спомени“. Тоа е вистината. Децата немаат потреба да полудам за нивните соби да бидат совршено чисти. Кога започнувам со генерално чистење, токму тоа се случува – јас сум лута, тие се лути и имаме една голема катастрофа. Едноставно не вреди.
Па вака – ако наминете ненајавени, не очекувајте да бидете импресионирани. Спремете се да ви биде пријатно и да се смеете и можеби да се залепите на колачињата оставени на каучот. Па, земете сок и опуштете се. И додека сте станати, ако не ви пречи, може ли да ја вклучите машината за перење?
Автор: Колин Дилти Томас