Деца.мк имаше можност да присуствува на еден ваков индивидуален час по пијано

Овој час ќе ја работиме двогласната ивенција во А-мол од Јохан Себастијан Бах, кој е композитор од барокот и тој е математика во музиката. Одликата на барокот е моторичност и прецизност во ритамот и во темпото. Сега ги градиме овие два такта како кула, па го спојуваме тој дел, па одиме понатаму.

Вака започна индивидуалниот онлајн-час по пијано на седмоодделенецот Матеј Поповски и неговата професорка од училиштето „Илија Николовски Луј“, Светлана Димитриевска. Таа свиреше на пијано и со телефонот в раце се трудеше да му долови на Матеј како да ги отсвири нотите, а тој ја следеше.

Деца.мк имаше можност да присуствува на еден ваков индивидуален час и да види како изгледа дете да учи да свири на инструмент на далечина. Димитриевска работи комбинирано, со компјутер и со телефон, но телефонот е попрактичен кога треба да се демонстрираат движењата од сите страни.

– Рацете да бидат што послободни, лактите не треба да се стегнати. Лактите се тие што ги прават тие полукружни движења, елипси. Исто како птиците, сите движења доаѓаат од грбот. Исто е и со свирењето на пијано – зборуваше професорката, а ученикот го применуваше она што таа му го покажува со камерата на нејзиниот телефон.

Некогаш преносот сецка, но посериозни пречки нема

Освен практичниот дел, професорката Димитриевска предаваше и теорија.

– Во барокот немало инструмент клавир, луѓето свиреле на чембало. Сите други ознаки се адаптирани на современиот клавир. Но треба да се запазат стилот и времето во кое е пишувана композицијата. Браво Матеј, одлично отсвирено. Еве го резултатот од тоа што го кажавме досега. Ние сега дел по дел од делото градиме, како куќа, тула по тула, за на крајот да имаме една комплетна целина. На почетокот многу е важно да се потенцира енергијата што ја има оваа композиција – зборуваше таа.

Во врска со техничките проблеми што се јавуваат, се случува понекогаш послабо да се слуша тонот. Тука е и неможноста да свират заедно во исто време, па двајцата се согласни дека е поинаку и е подобро кога наставата е со физичко присуство и кога ученикот има можност во живо да види какви се движењата на рацете. Затоа често пати си разменуваат снимки.

Љубовта кон пијаното ми ја пренесе мајка ми

Матеј има двапати неделно часови со професорката. Вели дека желбата за овој инструмент му ја пренела мајка му, која исто така свири на пијано.

– На почетокот, пред да одам во музичко училиште, кога бев помал, сакав да свирам на гитара, но подоцна повеќе се заинтересирав за пијаното, ми беше поинтересен инструмент. Мајка ми ми ја има пренесено љубовта кон инструментот. Имам учествувано на „Ден на пијаното – Скопје“, двапати на меѓународниот натпревар „Полихимнија“, на фестивалот ЕПТА, а оваа година освоив прво место на Меѓународниот онлајн-натпревар во Смедерево – вели Матеј.

Во однос на часовите, проф. Димитриевска вели дека порано часот траел 40 минути, но сега програмата е скратена и трае 30 минути.

– Времето е скратено, но успеваме да го искористиме максимално за свирење. Чудно е што немам можност во живо да видам како свират учениците и баш неодамна имавме настап во организација на училиштево на отворено, го пријавив Матеј и тогаш првпат го чув во живо како свири – вели професорката.

Таа има 15 ученици, осум ученици од средно и седум ученици од основно образование. Се работи според распоред на часови преку „Мајкрософт тимс“.

– Секој час кај нас е оценување. Овде нема поткажувања, нема мамења. Евидентно е на часот колку ученикот вежбал и колку умее – додава таа.



912

X