Иако генетиката од женската страна навистина игра значајна улога, научниците сѐ почесто нагласуваат дека постојат и други фактори што можат да влијаат врз тоа една жена да стане мајка на близнаци, и тоа на сосема природен начин.
Дали се замислувате себеси како држите две бебиња во рацете истовремено? Многу жени сонуваат да станат мајки на близнаци, но често веруваат дека тоа е можно само ако такви случаи постојат во поширокото семејство.
Сепак, вистината е далеку поинтересна бидејќи дури и ако никој во вашето семејство не родил близнаци, тоа не значи дека и вие еден ден нема да ги родите.
Вашето тело, хормоните, возраста и генетиката во најширока смисла можат да придонесат да станете мајка на две бебиња.
Како настануваат близнаците?
Постојат еднојајчени близнаци кои се создаваат кога една јајце-клетка се оплодува и потоа се дели на два идентични ембриони во рана фаза, и постојат двојајчени близнаци, кога во текот на еден циклус јајчниците ослободуваат две јајце-клетки кои се оплодуваат одделно. Во овој случај, близнаците не се идентични и може да бидат од различен пол.
Генетиката и женската линија
Познато е дека жените што имаат близнаци во семејството, особено по линија на мајката, имаат поголеми шанси и самите да родат близнаци. Причината е генетската склоност за ослободување повеќе јајце-клетки, што ја зголемува веројатноста за зачнување на двојајчени близнаци.
Возраст и третман на неплодност
Жените што раѓаат во подоцнежни години, особено по 35. година, како и оние што се лекувале од неплодност, имаат поголеми шанси за бременост со близнаци. Причината е во хормоналните промени и стимулации кои ги поттикнуваат јајчниците да ослободуваат повеќе јајце-клетки.
Исто така, жените што веќе имале повеќе бремености имаат зголемени шанси, телото „помни“ како да овулира поефикасно.
Генетски варијанти што ја зголемуваат шансата за близнаци
Научниците анализирале геноми на околу 2.000 жени кои природно родиле близнаци и ги споредиле со жени што родиле едно дете. Откриле дека одредени генетски варијанти се поврзани со зголемена веројатност за близначка бременост:
Ген „FSHB“ – ја зголемува количината на „FSH“ (фоликулостимулирачки хормон), кој помага при созревање на јајце-клетките. Кога нивото е зголемено, организмот почесто ослободува две јајце-клетки по циклус.
Ген „SMAD3“ – ја зголемува чувствителноста на јајчниците на хормони, дури и кога „FSH“ не е зголемен, што овозможува ослободување на две јајце-клетки месечно.
Иако овие варијанти се само дел од сложен генетски мозаик, истражувањата покажуваат дека ја зголемуваат шансата за раѓање близнаци за дури 29 отсто.
Како природно да ги зголемите шансите за близнаци?
Постојат природни методи и фактори што може да влијаат врз шансите за зачнување близнаци, особено двојајчени. Иако ниедна метода не е 100 отсто сигурна, некои навики, исхрана и физиолошки услови можат да бидат од корист.
Жени со повисок индекс на телесна маса имаат поголема веројатност за близнаци, веројатно поради повисоко ниво на естроген.

Некои истражувања покажуваат дека земањето фолна киселина пред зачнување може да ја зголеми шансата, иако тоа не е потврдено во сите истражувања.
Исхрана богата со млечни производи и сладок компир, кој традиционално се поврзува со зголемена стапка на близнаци во некои африкански заедници, можеби поради природни фитоестрогени кои го стимулираат овулацијата.
Протеини од животинско потекло може да помогнат при ослободување повеќе јајце-клетки.