Воспитување

6 Монтесори прашања за успешна промена на однесувањето кај детето

Постојат многу фази во растењето на децата кои нѐ зачудуваат и фрустрираат. Кога ќе се случи тоа, сосема природно е да реагираме луто и изнервирано. Меѓутоа, таквата реакција не само што не е продуктивна, туку може и да го охрабри детето да продолжи со несаканото однесување.

Една од основите на Монтесори учењето е да се воочи што функционира, а што не. Во случај на „лошо однесување“, треба да застанеме и добро да го набљудуваме детето за да откриеме кој е главниот тригер и така да ги спречиме последиците.

Како помош, ви ги пренесуваме шесте клучни прашања што ги поставуваат Монтесори учителите кога сакаат да го променат однесувањето кај децата:

1. Дали се задоволени основните потреби?

Дали детето е уморно кога почнува да ги задева другарчињата? Дали е гладно кога ќе почне да се тркала по подот? Дали треба да се потсети да отиде во тоалет кога забележливо губи контрола над себе?

Кога на детето му е непријатно, невозможно е да каже што точно му пречи. Често му е потребна помош од возрасните за да го сфати изворот на нервозата. Набљудувајте го времето: ако „лошото“ однесување се јавува околу пладне, можеби му треба ужина; ако е попладне, веројатно е премногу уморно.

2. Што се обидува да постигне?

Следната работа на која треба да обрнете внимание е мотивацијата. Дали фрла работи затоа што му е интересна бучавата или сака да види како паѓаат? Дали му треба внимание? Можеби го удира другарчето затоа што не знае како со зборови да го реши проблемот.

Малото дете не прави работи намерно за да биде „лошо“, дури и кога тоа ни изгледа како безобразлук. Кога ќе ја сфатите неговата цел, покажете му како може со зборови да ја реши ситуацијата (на пр., кога некој ќе му ја земе играчката).

3. Како да ја промениме околината за да влијаеме врз однесувањето?

Монтесори учењето вели: не можете да го промените детето, но можете да ја промените околината. Околината треба да биде безбедна, мирна и приспособена на потребите на детето. Ако детето секојдневно претрчува низ одреден дел од собата, тргнете ги предметите за да избегнете повреди. Ако постојано зема работи што не смее да ги допира, тргнете ги на недостапно место наместо постојано да викате „не“.

4. Како да го спречиме несаканото однесување пред да настане?

Полесно е да се прекине несаканото однесување пред да започне отколку да се запира кога веќе е во тек. Штом ќе го откриете тригерот, отстранете го. Ако вашето дете се лути кога треба да си оди дома, можеби треба да тргнете од паркот малку порано. Бидете подготвени на повеќе обиди додека не го најдете вистинскиот ритам.

5. Зошто ова ме нервира мене?

Кога се работи за безбедноста на детето, во ред е да се изнервираме. Но, во други случаи, треба да откриеме зошто одредено однесување толку многу нѐ нервира. Тешко е да се биде објективен со сопственото дете. Честопати нештата што најмногу нѐ иритираат (како кенкањето) се работи со кои и ние самите сме се бореле како мали. Развивањето емпатија и трпение е клучно.

6. Како до стабилен и силен однос со детето?

Врската помеѓу родителот и детето е клучот за секоја промена. Децата не нѐ слушаат затоа што викаме гласно, туку затоа што се чувствуваат сигурни со нас. Можеби изгледа полесно да се тргнеме од ситуацијата кога има проблем, но многу поефективно е токму тогаш да покажеме разбирање. Кога детето поминува низ лош период, тоа значи дека му требаме повеќе од кога било. Бидете присутни за него.

Извор

Поврзани написи

To top