Ако момчињата примаат антибиотик во првите две недели од животот, поголема е веројатноста дека малку ќе заостанат во однос на висината и тежината во споредба со своите врсници, известува „Њу сајентист“. Кај девојчињата научниците не го забележале тоа влијание. Некои бебиња примаат антибиотици кога има сомнеж за бактериска инфекција и за превенција од сепса.

Самули Раутава од Универзитетот во Хелсинки и некои негови колеги ги испитувале долгорочните последици од препишувањето антибиотици на новороденчињата во првите две недели по раѓањето. За таа цел, го следеле растот и развојот на 12.422 деца од раѓањето до шестата година од животот. Сите деца биле родени во универзитетската болница „Турка“ во Финска помеѓу 2008 и 2010 година. Во првите 14 дена по раѓањето 1.151 од нив добиле антибиотик бидејќи лекарите се сомневале дека развиле бактериска инфекција.

Доенчињата што примиле антибиотици имале пониска телесна висина и тежина во првите шест години од животот за разлика од нивните врсници што не примале антибиотици. Интересно е дека истражувачите го забележале тоа само кај момчињата, а не и кај девојчињата.

– Првпат успеавме да докажеме дека земањето антибиотици во првите денови од животот може да има долгорочни последици – рекол Раутава.

Истражувачите се сомневаат дека антибиотиците предизвикуваат долготрајни промени во цревниот микробиом кај доенчињата, што резултира со застој во растот. Бактериите во цревата се „заборавен орган“, вели коавторот на студијата, Омри Коренс, од израелскиот универзитет „Бар-Илан“. Помагаат во дигестијата на храната, го тренираат нашиот имунолошки систем и нè штитат од штетни бактерии.

– Кога земаме антибиотици за да ги уништиме бактериите од кои можеме да се разболиме, ние ги уништуваме и корисните бактерии – предупредува Раутава. Оваа промена во цревниот микробиом очигледно е причина за побавен раст на момчињата кои примиле антибиотик во првите денови по раѓањето. За да проверат дали е тоа вистина, научниците пресадувале микроорганизми од изметот на децата што земале антибиотик, но и од оние што не примале, во црева на глувци. Се покажало дека машките глувци што примиле материјал од доенчињата лекувани со антибиотици, исто така, имале значително помал раст. Па дури и кај глувците таа промена била забележана само кај машките единки.

Долгорочните последици од користењето антибиотици треба дополнително да се истражуваат, но Раутава вели дека не треба да заборавиме оти лековите се неопходни за да се изврши превенција при сериозни бактериски инфекции кај бебињата.

– Антибиотиците спасуваат животи – заклучува Раутава.

Автор: Карина Шах

Извор



912

X