Воспитување

Момчиња во пубертет: сешто им се случува, а непријатно им е да прашаат

Вашето дете влегува во пубертет, како да разговарате за тоа? На девојчињата им растат градите, добиваат менструација, па таа промена е навидум видлива. На момчињата повеќе почнува да им се лачи тестостерон и да им се развиваат тестисите. Иако и кај едните и кај другите овие промени почнуваат речиси во ист период, се случува родителите полесно да разговараат за телесните промени со девојчињата отколку со момчињата. Зошто?

Баш поради промената која на прв поглед е видлива. Кога момчињата почнуваат да мутираат, веќе навлегле во подлабок пубертет, а родителите најчесто дури тогаш го почнуваат важниот разговор. Она што се случува со нивните интимни делови не го гледаме, па не сме свесни ниту дека се случува. Првите промени што се забележуваат кај момчињата при влез во пубертетот се појавуваат на надворешните полови органи, во тестисите, кога половите хормони поттикнуваат развој на половите органи и го „претвораат“ момчето во маж, односно кога доаѓа до полово созревање. Околу 14-тата година се јавуваат ноќни ејакулации кои момчињата дополнително ги збунуваат, а прилично им е непријатно да зборуваат за тоа. Освен тие промени, значително е поинтензивна појавата на влакненца, а оние на лицето докажуваат дека момчињата влегуваат во светот на мажите, па истовремено се и предмет на гордост и на непријатност.

Психолозите ги охрабруваат родителите да разговараат со момчињата на еднаков начин како и со девојчињата, и тоа првите разговори да почнат да ги водат веќе по навршената десетта година. Некои деца се поотворени за тој важен разговор, а некои се затворени и се чувствуваат непријатно. Обидете се да го водите разговорот спонтано, отворајќи некоја тема и пуштајќи го детето да поставува прашања. Истражувањата покажале дека девојчињата се поотворени за тие разговори и дека главно родителите, штом ќе забележат дека девојчето влегло во пубертет, почнуваат да ја почитуваат неговата приватност. На пример, ако девојчето влезе во соба и ја затвори вратата, повеќето родители ќе чукнат пред да влезат.

Но, со момчињата тоа не е случај. Според мислењето на Кер Натерсон, педијатар од Америка која се занимава со развој на децата низ пубертетот, на еднаков начин би требало да се третираат и момчињата – да им се остави слобода да имаат своја приватност. Родителите не гледаат најчесто уште една важна компонента, а тоа е девојчињата и момчињата на еднаков начин може да имаат искривена слика за себе и за своето тело. На пример, на девојчињата почесто им се објаснува дека постои лажен модел на убавина, кон кој не треба да се стремат, туку да се прифатат себеси и да го сакаат своето тело. Меѓутоа, малкумина размислуваат дека момчињата исто така се изложени на фотографии од прекрасни мажи, со мускулести тела и блескава насмевка. Исто како девојчињата, и момчињата во пубертет, поради наметнатиот модел на убавина, можат длабоко да го преживуваат неприфаќањето на сопствениот изглед и себеси како целосна личност.

За што да се разговара со децата во пубертет и кога?

10-12 години: Ова е почеток на пубертетот и би било пожелно родителите да почнат да водат воведни разговори со децата за промените што ги очекуваат. Општо запознавање на детето со тоа дека наскоро ќе влезе во период од животот кога, поради промени со хормоните, ќе дојде до постепени промени на телото. Кај момчињата во овој период телото веќе засилено лачи тестостерон, а тестисите се зголемуваат.

12-13 години: Во оваа фаза повеќето момчиња доживуваат спонтана ејакулација, имаат таканаречени влажни соништа и веќе почесто практикуваат мастурбација. Ако дотогаш не сте почнале да разговарате со детето за пубертетот, сега е крајно време. Но, имајте предвид дека тоа ќе биде непријатно и за вас и за детето.

13-16 години: Ова е период кога вашето дете станува вистински маж, доаѓа до мутација, растат влакненца по телото, се појавуваат мустаќи и брада. Ако успешно сте комуницирале во претходните 2 фази, нема да имате проблеми во комуникацијата. Но, сега е важен вториот дел – вашиот тинејџер некогаш ќе има бурни реакции, некогаш ќе се повлекува во себе, а ќе му се случуваат и различни психички промени. Дајте му поддршка и уважување, а времето поминато во квалитетен разговор е од голема важност.

Извор

Поврзани написи

To top