Жељко Сутуљиќ, молер од Љиг (западна Шумадија), покажал хуманост каква што ретко се гледа денес. Своите стручни услуги ѝ ги понудил на Градската болница во Звездара, Србија, па во наредните денови целосно ќе ги среди ѕидовите на породилното одделение во установата. Нашол спонзори кои ќе го донираат материјалот, а неговата работа ќе биде бесплатна, но му треба помош за подовите, кои бараат значително реновирање.
Секој што некогаш стапнал во некое породилиште во Србија знае дека условите се недостојни за човек, а особено недостојни за раѓање нов живот. За тоа сведочат разни фотографии од породилиштата низ Србија кои кружат на социјалните мрежи, а на кои може да се види мувла на ѕидовите, искршени чешми во бањите, испукани плочки, излупени подови во собите, скршени кабинети и кревети…
Жељко раскажал за оваа хумана идеја.
– Јас сум молер, но пред тоа сум сопруг и татко. Всушност, ова беше идеја на мојата сопруга бидејќи ниту таа не беше имуна на сите тажни приказни од породилиштата. Се сетивме на д-р Светлана Ериќ, која е началник на одделението за патолошка бременост – ѝ се јавив и прашав дали е изводливо да се поправат ѕидовите на тој оддел. Значи, да се малтериса каде што треба, да се измазни, да се бојадиса. Сѐ комплетно – вели Жељко.
Жељко отишол во породилиштето во Звездара со цел да процени што треба да се направи и колку материјал ќе му треба.

– Кога направив план, веднаш почнав да контактирам со познајници и колеги кои имаат големи компании за материјалот што ни треба, па некои од нив се согласија. Имаше и такви што не се одзваа на мојот повик, но ќе да продолжиме понатаму – вели Жељко.
Иако првичниот план бил да се украсуваат ѕидовите во сите соби, амбулантата и еден апартман во ова одделение, Жељко решил да ја прошири својата идеја, па ги поканил сите што сакаат да учествуваат во оваа акција, да му помогнат при замената на дотраените подови.
– Би било одлично бремените жени да добијат нови подови заедно со чисти ѕидови. Во моментов се користат старите од линолеум, но се истрошени. Потребна е замена. Покрај новиот кат, бараме и 15-ина наткасни или масички покрај креветите, за личните предмети – раскажува тој.
Тој вели дека не сака да има врска со пари, па нема наплата на пари, туку сето што се користи е исклучиво во вид на дониран материјал.
– Многу е неблагодарно да се собираат пари и не сакам ништо да имам со парите. Кој сака да помогне, може да купи што е потребно и да учествува со материјал, а јас тоа ќе го реализирам преку мојата работа.
Затоа ги повикува сите луѓе што имаат добра волја да помогнат.
– Сега, кога веќе ја започнавме приказната, апелирам до сите што можат, да ми се придружат и да го усовршат просторот за нашите трудници и за идните генерации – апелира овој молер.
Автор: Сања Радовановиќ