Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам проблем со мојот син, кој веќе има три и пол години. Уште од бебе многу плачеше, од неговата прва година кога веќе почна да разбира, се плаши од луѓе и премногу плаче кога ќе дојде некој на гости. Еден период не сакаше никаде да оди, сега одиме кај некои блиски луѓе, но кога треба да дојде некој, тој плаче до заоѓање. Има периоди кога не се плаши и не плаче. Меѓутоа, тоа е многу ретко, значи речиси на секое доаѓање на гости во нашиот дом, тој плаче. Јас мислам дека му е проблем самата помисла дека некој ќе дојде затоа што штом ќе слушне дека некој ќе дојде, се вознемирува и почнува да плаче толку многу што не може да се смири. Му зборуваме дека не треба да се плаши. Прашав на детска клиника психолог ми рече дека е мал и дека е фаза, дека ќе помине, затоа сакам да ве прашам и вас за мислење, не знам каде да се обратам за помош бидејќи долго време трае и не поминува. Инаку, нормално се развива, тоа ни е единствен проблем. Ве молам за совет како да му помогнам?


ОДГОВОР: Драга мајка, стравот е биолошка, природна и примитивна емоција која е составен дел од развојот на секое дете. Стравот има адаптативна функција што го прави детето да биде претпазливо и да бара помош кога е несигурно и кога се наоѓа во некоја за него застрашувачка ситуација. Голем дел од стравовите на децата се развојни и својствени за одредена развојна фаза која е поврзана со нивната возраст и би требало да очекуваме да минуваат и личноста да се имунизира во однос на нив, за детето да биде спремно кога ќе настапи нова развојна фаза. Во контекст на вашата грижа за стравот на вашето дете од луѓе, би споменала дека тој е својствен за возраст од 6 до 8 месеци, односно во периодот кога бебето почнува да ги препознава разликите помеѓу познатите и непознатите лица и во зависност од темпераментот на самото дете, тој страв би требало најмногу да трае до втората година, односно тоа би значело дека детето треба да постигне психолошки имунитет кога станува збор за овој конкретен страв.

Што би го актуализирало и продолжило овој страв?

Презаштитнички воспитен однос на родителите кон детето; слаба социјална стимулација, на пример: „Нашето дете бурно и со плачење реагира на луѓе, па затоа одбегнуваме гости или, пак, ние да одиме некаде“; изразена вознемиреност и чувство на страв кај родителот кој се справува со емоционалната реакција на своето дете; табуизирање на емоциите или незборување и неименување на истите, што дава слаба емоционална интелигенција итн., усвојување модел на однесување и начин на реагирање кон надворешниот свет.

Откако би ја пронашле причината, за која е потребно директно советување со стручно лице и донесување важни информации, би имале и конкретни алатки и вештини за воспитување и социјализирање на овој страв.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.




912

X