Познат психолог објаснува стратегија во 5 чекори со која родителите ќе им помогнат на своите деца да развијат емпатија и да не помислуваат на врсничко насилство.
Психологот д-р Џастин Коулсон на својот блог ја покренал оваа важна тема откако му се јавила една загрижена мајка со прашањето: „Дали е можно мојот син намерно да им нанесува болка на другите?“
– Кога децата ќе почнат да се однесуваат поинаку, повеќето од нас се обидуваат тоа однесување да го сосечат во корен. Но со тоа не ја решаваме причината на проблематичното однесување, па подоцна во животот лесно може да се повтори – напишал тој на својот блог.
Прв чекор – смирено поразговарајте со детето за врсничкото насилство
– Најдобар начин да го одучиме детето од малтретирањето на другите е да го научиме што е тоа емпатија – објаснува д-р Коулсон.
Тоа е развивање на емоционална интелигенција, прв чекор за детето да сфати како неговите постапки влијаат врз другите луѓе.
– Децата мора да сфатат како се чувствуваат во одреден момент и да развиваат способност да управуваат со своите емоции. Дури тогаш ќе можат да сфатат како се чувствуваат другите и да пронајдат вистински модел за однесување кон другите – објаснил тој, додавајќи дека е клучно со детето да се разговара сталожено, бидејќи само така ќе почувствува дека навистина го разбирате, без оглед дали е жртва или насилник.
Втор чекор – пофалете го кога ќе заслужи
Кога родителот ќе дознае дека неговото дете ги малтретира врсниците, често реагира претерано. Но, треба да застане на момент и добро да размисли за да може да го сфати своето дете.
– Често постои цела низа (оправдани) причини зошто детето го менува своето однесување на полошо. Иако родителите не би требало да имаат оправдувања за своето дете во оваа ситуација, добро е да знаат што всушност се случило и од кои причини одлучило да го направи тоа – вели Коулсон.
Ако детето понуди смислено објаснување за своите постапки, пофалете го бидејќи е свесно што му се случува и веројатно сака да се промени.
Сите случаи на малтретирање се различни и секое дете нема намера и тенденција да ги малтретира другите. Може да се случи да реагира лошо кон некое дете затоа што го спречило во играта со другарчето – објаснил психологот и додал дека ние можеме да сфатиме како децата гледаат на тие работи и исто така мораме постојано позитивно да ги насочуваме.
Трет чекор – разговорот насочете го кон чувствата на жртвата
Целта на овој чекор е да им се помогне на „децата насилници“ да го усвојат чувството на емпатија и да им се даде можност да сфатат дека она што им го прават на другите им предизвикува болка.
– Овој чекор му помага на детето да го почувствува она што го чувствуваат другите, а целта ни е да го „тренираме“ срцето на детето – вели д-р Коулсон.
– Емпатијата е средишниот дел на емоционалната интелигенција. Ако добро се научи во раното детство, најверојатно ќе спречи детето да им нанесува физичка или емотивна болка на другите – додава тој.
Четврти чекор – помогнете му на детето да ја погледне ситуацијата од перспектива на жртвата
– Градењето емпатија кај детето е комплексен процес во кој тоа треба да се вклучи од најрана возраст, а емпатијата му се всадува со цел да се поистовети со своите, а потоа и со туѓите чувства – истакнува д-р Коулсон и додава дека емоционалната интелигенција и емпатијата децата најдобро ги развиваат кога ќе се стават во улога на жртва.
Петти чекор – помогнете му на детето да смисли како да се искупи за своето однесување
Важен дел од процесот во кој му помагате на детето да го промени своето однесување е објаснувањето како да им се извини и како да го поправи односот со врсниците, ако е можно.
– Кога детето ќе сфати дека го разбирате и кога ќе се смири по разговорот, помогнете му да смисли како да се искупи кај оние што ги повредило. А тоа е можно само кога е смирено бидејќи тогаш е и најкреативно, а дополнително е во можност да почувствува емпатија и сочувство – заклучува психологот Коулсон.