Дали е тоа жената која 9 месеци те носеше во утробата и те донесе на свет? Онаа што ги минуваше деновите хранејќи те, преслекувајќи те и смирувајќи го твојот плач кога беше бебе? Онаа што донесе една од најтешките одлуки во животот кога те даде на посвојување за да имаш подобар живот? Или тоа е жената што работеше две работи за да ти го даде тој подобар живот? Таа што ти читаше навечер пред да заспиеш и ти печеше колачиња за родендени?
Онаа што те прекоруваше кога грешеше и се гордееше кога ги постигнуваше целите? Онаа што те тешеше по првото скршено срце и повторно и повторно ти велеше дека ќе бидеш добро и дека можеш да пребродиш сѐ?
За мене е и едното и другото.
Ја запознав мајка ми минатата година, сосема случајно. Ќе излажам ако кажам дека не сум преплашена. Во текот на годините многупати го замислував сценариото во мојата глава: Дали би плачела? Што би си кажале една на друга? Дали би ја покажала мојата огорченост или би победила прошката? Па, таа плачеше… јас не. Не плачев затоа што почувствував олеснување – како конечно да ми беше тргнат товар од рамената. Наместо тоа, бев целата насмеана кога го запознав семејството кое никогаш не добив можност да го познавам. И, конечно, откако со години се прашував зошто моите родители се откажале од мене, ја дознав вистината. Бидејќи веќе имале пет деца, тоа било од потреба. Поминале само една година со мене пред да ме дадат во ново семејство. Жената кај која дојдов и ја нареков мајка ми е искрено најдобрата мајка што можев да ја побарам.
Не поминавме многу денови на мајката заедно кога растев, бидејќи таа работеше во странство во текот на моето детство. Баба ми беше мојот привремен родител, додека конечно не им се придружив на моите родители како тинејџер. Но, таа ги помина тие години далеку од мене за да ми го даде најдобриот можен живот. Не знаев дека мајка ми не е таа што ме родила до мојата 14-та година. Кога мајка ми и татко ми конечно ми кажаа, плачев, но дел од мене отсекогаш се сомневаше. Не затоа што ме натераа да се чувствувам поинаку, туку поради малите работи кои секогаш ми ја „влечеа“ душата. Не личев на никој друг во моето семејство и не можев да најдам слики од себе како доенче, колку и да се трудев.
Но, тоа откритие не го промени мојот однос со мајка ми. Таа сè уште ми печеше колачиња, ја охрабри мојата љубов кон книгите и ме потсети на важноста на образованието. Сè уште се расправавме за тоа што е најдобро за мене – и на крајот (се разбира) – таа беше во право. Таа беше (и сѐ уште е) мајка. Мојата мајка.
Порано ме прашуваше што би направила ако мојата вистинска мајка сака да ѝ се вратам. Мојот одговор на тоа прашање никогаш не се промени: Мамо, ти си мојата вистинска мајка. И навистина е така.

За мојата родена мајка: Ме носеше 9 месеци, ме роди и се грижеше за мене кратко време. И дури и да не растев покрај тебе, ти продолжи да ме сакаш и да ја посакуваш мојата среќа. Ти се откажа од мене затоа што знаеше дека тоа е најдоброто за мене. Ти благодарам што си моја мајка – мојата вистинска мајка.
За мајка ми: Никогаш не ме натера да се чувствувам помалку како твоја ќерка иако не ме роди. Ниту еднаш не почувствував дека нешто недостига во однос на мајчината љубов затоа што ти ми го даде сето тоа и сѐ од себе. И да, иако малку се расправавме околу мојот избор за факултет и евентуална професија, ти продолжи да ме поддржуваш и бодриш додека ги исполнував моите соништа. И затоа, ти благодарам што си моја мајка – мојата вистинска мајка.
Се чувствувам неверојатно среќна што сум ќерка на две прекрасни жени за кои знам дека секогаш ќе ме сакаат, без разлика на сѐ. Отсекогаш било така.
Автор: Кејтлин Пена
912