Може да речете дека сум луда. Можеби сум мрзлива. Можеби изведувам не знам што со тоа модерно воспитување. Но, прво прочитајте докрај.
Моето дете има три години. И има право на избор. Таа може да избере што сака да облече. Може да избере што сака да јаде (од понудените опции). Може дури и да одлучи кога да ги извршува задачите што треба да ги направи. Моето дете се открива себеси. Таа учи за светот околу него. Таа открива каде се границите и до каде може да ги помести.
И сето тоа е почеток на градењето на нејзината личност. Разбирање што сака, а што не, што ѝ одговара, а што не.
На крајот на краиштата, и јас сакам да имам право на избор. Затоа што сум навикната да држам сè под контрола и затоа што на тој начин е едноставно полесно. И сигурно полесно би ми било едноставно да го „скршам“ моето дете. Ќе јадеш што ќе ти дадам, ќе го носиш тоа што ти го подготвив.
Полесно, да. Но, секако дека не е подобро за децата.
И така пред некој ден ја испратив да облече нешто што јас ѝ го одбрав за да се прошетаме. По десет минути таа излезе од својата соба облечена во едноделен костим за капење и капа. Се стуткав до неа и ѝ објаснив дека надвор е ладно и дека треба да носи нешто со ракави и ногавици. Ме разбра, се врати во својата соба и понекое време излезе во костим на Елса и розови хеланки, целата возбудена. „Мамо, ова има ракави и ногавици! Добро избрав, нели?”
Сакав да ѝ кажам дека фустанот од тул е неудобен и дека ќе ѝ пречи кога ќе се качува, но премолчев.
„Во право си, супер е. Ајде да излеземе!“
Да не се лажеме, не беше лесно. Не ми се допадна идејата таа да излезе во костим за маскенбал. Но, како нејзина мајка, не е моја работа да одлучувам наместо неа. Треба да изберам работи кои се помалку важни и кои не го загрозуваат нејзиното здравје и безбедност и да ѝ дозволам да се изгради врз тие работи. На крајот на краиштата, учам што е важно во животот давајќи им на некои работи повеќе, а на други помалку важност.
И што навистина е важно?
Зошто да ми биде важно што ќерка ми е секогаш облечена како штотуку да соблекла кукла во трговскиот центар, ако е посреќна во шарен костим?
Зошто да одлучам дали денес ќе ја пушти косата, ќе врзе опавче или ќе има плетенка? Фризурата што ја прави среќна, за мене е најдобра.
Зошто да брзам со неа да се подготви да оди во парк ако само сака да остане дома и да црта? Утре можеме да одиме во парк и претпоставувам дека детските желби имаат некаква вредност.
Зошто треба да ми е важно што сложувалката е правилно составена? Ако не ѝ пречи тоа што тревата стои на небото, а сонцето заоѓа, тогаш не треба и јас да се грижам за тоа. И зошто да ми биде важно што нејзините чорапи не се пар? Ако сака да ја има Елса на едната, а Ана на другата нога, зошто да ми пречи тоа?
Мојата ќерка не е мој проект. Таа не е некаков трофеј што јас го родив за да го покажам. Конечно, таа не сум ЈАС. Таа е таа самата.

Сè уште сум релативно нова во оваа улога како мајка, но она што со сигурност го знам е дека сакам да се фокусирам на работите кои навистина се важни. Затоа што моето дете расте токму таму, пред мои очи, и последното нешто што сакам е да ја научам дека совршената облека е најважната работа на светот.
Наместо тоа, сакам да ја научам на некои многу поважни лекции.
Сакам да знае дека понекогаш е тешко да се направи вистинската работа, но лесниот излез е секогаш потешкиот пат на крајот. Сакам да научи да не се навредува себеси, но и оние што се послаби од неа.
Сакам таа, кога ќе види другарка како си игра сама во училишниот двор, секогаш да биде лицето што ќе ѝ понуди друштво.
Љубовта е важна. Почит. Добро воспитување.
Сакам да научи да биде упорна и вредна. Секогаш да верува во себе и во она што го прави. Да го практикува она во што сака да биде добра, без разлика колку и да изгледа тешко.
Ќе ја научам да не дозволи светот да ја промени за да стане она што општеството го смета за убаво и нормално. Ќе ја научам да биде љубезна кон себе и бескомпромисна кога се работи за нејзиниот избор.
Сакам да знае дека има сѐ што е потребно за да го направи овој свет подобро место. И дека е една и единствена. Како што сме сите ние. Да не дозволи некој да го задуши она што ја прави посебна.
Да не дозволи некој да ја скрши нејзината независност. Дури ни јас.