Воспитување

„Моите придонеси во семејството не беа поврзани со пари и затоа не беа вреднувани“

Бев на ручек со моите пријателки. Јас сум веќе неколку месеци разделена од мојот сопруг. Некогашната љубов на мојот живот, уште од студентските денови, мојот најдобар пријател и добро момче. Или барем така мислам.

Го завршуваме оброкот и му ја предавам на келнерот мојата картичка за плаќање. Тој се враќа неколку моменти подоцна.

„Вашата картичка беше одбиена“, вели тој.

Моите пријатели љубезно ја поделија сметката. Ми велат да не се грижам. Не е голема работа. Засрамена сум и покрај нашата блискост. Не можам да разберам зошто мојата картичка не работи, па му се јавувам на мојот сопруг.

„Мојата картичка беше одбиена“, велам.

„Знам“, вели мојот сопруг.

„Дали направи нешто со мојата картичка?“, прашувам.

„Да“, вели тој. „Ја замрзнав“.

Огорчена сум. Не можам да верувам дека финансиски ме хендикепираше. Мојата дебитна картичка е единствениот начин на плаќање што го имам. Се чувствувам немоќно. Нашето пробно разделување покажа дека е очигледно оти мојот сопруг има контрола врз сите наши пари. Исто така, несомнено е јасна уште една работа. Тој ги смета тие финансии за „негови пари“, а не за наши. А не се ни извинува за непријатната ситуација во која ме постави.

„Моите пријатели мораа да платат за мене“, велам.

Но, нему не му е грижа. Не се срами. Не се чувствува лошо. Тој е задоволен од себе. Тој ја постигна својата зацртана цел и својата агенда. Јасно дава до знаење дека ги држи сите карти в раце.

Неколку недели подоцна, мојата пријателка го сретна мојот сопруг во продавница.

„Морав да платам за ручекот на жена ти“, му рекла таа.

Мојата пријателка е премногу дарежлива и љубезна. Не се грижи за парите. Таа е исклучително лојална личност, а е вознемирена што јас сум третирана на овој начин. Таа само го потенцира лошото однесување на мојот сопруг.

„Ох“, се насмеал мојот сопруг. „Ѝ одржав лекција“.

Мојата пријателка дополнително се изнервирала. Па добро, кој прави вака?

Тој е единствената љубов во мојот живот, љубовта од студентските денови, мојот најдобар пријател и добро момче. Човекот на кој му верував кога донесовме одлука јас да останам дома и да ги воспитувам нашите деца. Момчето кое имаше корист од финансиските, професионалните и личните жртви што јас ги направив. Момчето кое ми дозволи да ги преземам сите обврски во домот и родителството.

Неколку децении подоцна сфатив колку сум била глупава што целосно ја предадов мојата независност во негови раце. Станав жртва на тешка и непопустлива финансиска злоупотреба. Да не зборуваме за разводот, чија процедура е како без крај. Ќе ми требаат пет години за да се ослободам.

Не бев оценета како угледна, одговорна, вредна, самоуверена жена, сопруга и мајка што придонесува. Ниту од мојот сопруг ниту од дел од општеството. Ме гледаа како некој што само зема. Жена која мисли дека заслужува нешто. Моите придонеси не беа поврзани со пари и затоа не беа вреднувани.

Мојот сопруг го презеде сето тоа во свои раце. Моите животни заштеди, пензија, кредит, достигнувања, достоинството и самопочитта. Тој ги искористи парите како оружје, како што прават многу мажи во текот на разводот.

Автор: Колин Шихи Орме

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top