Во општество кое сè повеќе зборува за лична автономија и безбедност, важно е да не ги заборавиме децата со посебни потреби. Тие често се ранлива група која има потреба од јасно, структурирано и повторливо учење за тоа што значи „моето тело е мое“. Во овој текст ќе разгледаме зошто е важно децата да ги препознаваат сопствените граници, како да научат да ги поставуваат, и како ние како возрасни можеме да ги поддржиме.
Зошто е важно децата да ги знаат телесните граници?
•Ги штити од злоупотреба и манипулација.
•Ја зајакнува самодовербата и самопочитта.
•Им помага да се чувствуваат безбедно и да знаат дека имаат право на личен простор.
•Ги учи да ги почитуваат и границите на другите.
Кои деца се најранливи?
•Деца со когнитивни тешкотии.
•Невербални деца.
•Деца со аутизам кои тешко читаат социјални сигнали.
•Деца кои се прекумерно доверливи или бараат телесен контакт за сигурност.

Како да почнеме со учење на лични граници?
- Едноставен речник
Користи зборови што детето ги разбира. На пример: „Ова е твоето тело. Никој не смее да го допира без твоја дозвола.“
2. Игра: „Стоп и оди“ со емоции
Цел: Разликување пријатни и непријатни допири
•Вози мала играчка или топка низ телото на детето (раце, грб, рамена).
•Детето треба да каже „стоп“ кога ќе почувствува дека не сака повеќе или му е непријатно.
•Објаснувај зошто е важно да се каже „стоп“.
Оваа игра ја вежба асертивноста на безбеден начин.
3. Картички: „Тоа е во ред/Тоа не е во ред“
Цел: Препознавање социјално прифатливо и неприфатливо однесување.
•Подготви слики или кратки сценарија (на пр. „Некој ми вели дека ќе ми даде подарок ако не кажам никому што направивме“).
•Детето да ги сортира на две купчиња: „во ред“ и „не е во ред“.
•Дискутирај зошто некои однесувања не се во ред и што да се направи.
4. Огледалце: „Лицето ми кажува“
Цел: Развивање емоционална свесност
•Детето се гледа во огледало додека имитира изрази: среќа, страв, лутина, непријатност.
•Потоа, разговарајте: „Кога се чувствуваш така?“
Ова помага во препознавање сигнали на непријатност или опасност.

5. Постер: „Моето тело е мое“
Цел: Визуелна поткрепа за лични граници
• Заедно со детето направете постер со силуета од тело.
• Обележете заедно кои делови се „приватни“ и што значи тоа.
• Напишете/залепете фрази како „Имам право да кажам НЕ“ или „Ако нешто не ми се допаѓа – кажувам“.
6. Игра: „Погоди го гласот“
Цел: Вежбање јасно кажување „не“
•Играјте улоги каде што едниот член на семејството моли нешто (на пр., „Дај ми бакнеж“)
•Детето треба да каже „не“ со силен, сигурен глас.
•Вежбајте различни начини на одбивање: со зборови, со гестикулација, со движење наназад.
Сите овие активности се лесно приспособливи според возраста и когнитивното ниво на детето.