Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам 3,5-годишен син кој инаку е весело, активно, љубопитно, динамично дете. Пред некое време забележав дека кога црта цртежи со боја, претежно ги користи темните бои… кафена, црна. Сакав да прашам дали има простор за грижа или тоа нема некакво значење?

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Почитувана, вие имате среќа вашето дете да наоѓа начин преку цртеж да ги изрази своите доживувања, поточно да го екстернализира на адекватен и креативен начин сето она што го преживува во себе. Според мене, детето што ја користи само жолтата боја не значи дека е посреќно и поисполнето од она што ја користи повеќе црната боја. И јас и вие сега да седнеме да нацртаме нешто, многу ќе се разликуваме во цртежите и во користењето на боите. Сметам дека користењето на одредени бои зборува за одреден сензибилитет со кој детето го доживува актуелниот контекст и случувања и како себеси се доживува во однос на истиот. Поточно и црната и кафената боја можат многу да кажат за она што се случува со вашето дете единствено кога вие би разговарале со помош на самиот цртеж и боите кои најмногу се претставени на него.

На пример, можете да го прашате што нацртал, зошто ја искористил таа боја, а не друга, што друго би можеле да обоите со таа боја, за што е таа добра и најдобро може да се искористи?… Дали може да ви даде некој совет што да обоите со црната и кафеава боја. Доколку оставите и го следите вашето дете во таа ликовна авантура, можеби ќе откриете многу нови и интересни информации кои ќе ви го променат мислењето, поточно многу појасно ќе ве запознаат со неговите внатрешни доживувања.

За мене како психолог, многу позначајна би била информација како црта и пристапува кон цртежот, што црта детето (доколку има некоја повторливост и тоа би ме заинтересирало), што објаснува низ цртежот и со која боја ја обојува таа доминантна за него фигура. Би го зела предвид и фактот дека децата на таа возраст сакаат да експериментираат и да истражат различни ликовни изрази. Тоа значи дека е многу побитно да ја слушнете, да ја следите и разберете неговата приказна отколку да ги проектирате вашите значења на кафеаво и црно. Исто така, проверете дали има некои позначајни случувања во неговата околина, вклучително и дома, кои можеби би влијаеле врз неговото изменето изразување. Сметам дека оваа активна опсервација, па и вашето поактивно присуство ќе ви овозможи да дадете уште поголема поддршка во неговото изразување. Значењето на боите и нивната примена единствено може да ви ги даде вашето дете. Ниту една студија на значењето на боите не може со сигурност да посочи на одредено значење на боите кое вам би ви помогнало да го разберете повеќе вашето дете, од добар, присутен и насочен ликовен разговор за самиот цртеж.
Во прилог ви посочувам линк-Детскиот цртеж – можност за запознавање со детскиот свет – во кој исто така можете да пронајдете повеќе информации за комуникацијата со детето преку неговиот цртеж.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com
тел. 070734512

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X