ПРАШАЊЕ: Моето дете има 16,5 месеци и прави некои движења што ме загрижуваат, на пример, почна да мавта со рацете и тоа со испружени дланки. Го прави кога ќе ѝ речам нешто да не фаќа или кога игра на музика. Исто така, ме загрижува тоа што има одбивност кон некои текстури, како песок или трева, ѝ треба време да ја оставиме за да допре сама. Инаку е доста мирно бебе, пробува да комуницира со нас, покажува со прст, нѐ носи во кујна кога е гладна, знае некои делови од телото, слуша наредби како „дојди кај мама, дај на тато…“ Реди коцки, сака животни, сака деца, оди и во градинка на која многу брзо се адаптира, јаде сѐ, пробува да јаде и сама со рака или прибор, имаме ред во спиење, реагира на име, се смее кога играме, емитира звуци и движења, одговара со да или не на едноставни прашања. Дали треба да сум загрижена и да ја носам некаде за горенаведените работи?
ОДГОВОР: Разбирливо е што ве загрижуваат овие однесувања, но од развојна гледна точка опишаното е многу често и во голем број случаи целосно во рамките на нормалниот развој на дете од 16-17 месеци.
На оваа возраст децата го истражуваат светот преку телото и сетилата. Тие сѐ уште немаат зборови со кои можат да го изразат возбудувањето, фрустрацијата или радоста, па затоа користат движења. Мавтањето со рацете, особено со испружени дланки, често е начин детето да ја регулира својата возбуда, да ја изрази силната емоција или да реагира на стимулација, како музика или како што рековте во ситуација кога му се поставува граница („не фаќај или не тоа, немој таму итн.“).
Што се однесува до одбивноста кон одредени текстури како песок или трева, тоа исто така е честа појава. Некои деца имаат посензитивен сензорен систем и им е потребно повеќе време за да се запознаат со нови сензации. Добро е што забележувате дека кога ѝ давате време и простор, таа сама се осмелува да допре, а тоа е многу добар знак дека постепено гради чувство на сигурност.
Најважно е да не ја форсирате, да ја оставите сама да одлучи кога ќе биде подготвена да допре нешто ново. На детето му е потребно само малку време. Можете да бидете модел вие – прво да допрете песок или трева, вода, ладно, топло, да зборувате смирено за тоа што чувствувате („колку е мека е тревата“, „песокот е ладен“), со тоа ќе ѝ покажете дека средината е безбедна и сигурна.
Вашата смиреност, трпение и прифаќање се многу важни. Малите деца имаат потреба од време за да се запознаат со светот на свој начин, а таа сега почнува да го истражува и открива. Кога ѝ давате простор да истражува со свое темпо, ѝ помагате да развие сигурност, самодоверба и здрава врска со сопственото тело и сетилата.
Oбидете се, колку што можете, да уживате во родителството. Вашата релаксираност, насмевка и доверба во развојот на вашето дете ќе му даваат чувство дека светот е безбедно место. Дозволете си да учите заедно со неа, чекор по чекор, и да верувате дека и вие и вашето дете правите најдобро што можете во секој момент.
Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova