Моето дете годинава заврши прво одделение. Голема работа за нас, родителите, а за неа, само уште еден чекор напред, исто како и секој претходен. Играта и понатаму е нејзина задача број еден. Сака да чита, да црта, а ги врти очите кога се споменуваат собирање и одземање.

Во второ одделение сето тоа превртување очи ќе се претвори во бројки од 1 до 5. Тие бројки треба, вели системот, да ѝ кажат колку вреди. Но, нема да дозволам. Додека зачудено гледам како родителите на поголемите деца панично собираат оценки, бркаат просек, како на крајот на годината учат со децата за таа оценка да биде повисока, си ветувам дека нема да бидам ТОЈ родител. И дека моето дете нема да биде дете кое се плаши од оценки, од училиште, од контрола. Да, ќе речете, но ако не чувствува стрес и страв, нема да има мотив да учи дење и ноќе и да си го подобри просекот. А ако не го подобри просекот, нема доволно поени да се запише во тоа училиште чие име предизвикува да блескате од гордост кога го кажувате.

Ако звучното име на училиштето во кое се запишало детето нѐ прави горди, тоа значи дека сме направиле многу грешки некаде на патот. Гордост е кога детето знае што сака и само, свесно, оди кон таа цел. Гордост е и тоа дете што уште не е сигурно, но бара и во таа потрага открива работи за себе кои до вчера не ги знаело. Гордост е и дете кое се запишува во училиште на кое му требаат 90, но и на кое се запишува во училиште на кое му требаат 60 поени. Гордост е детето кое ќе забележи пријател кој има искинати патики и сака да му помогне да дојде до нови.

Гордост е дете кое не бара од родителите повеќе отколку што тие можат да му дадат. А гордост се родителите и наставниците кои не ги оценуваат децата преку тие бројки во дневникот.

Не е гордост на оваа или онаа гимназија затоа што е прашање на престиж да се запишеш во оние училишта на кои им требаат најмногу бодови. Па што ако се запише во другата, „послаба“ гимназија? Онаа каде што наставниците не бараат многу?

Можеби секое дете има потреба од вакви учители. Да не бараат знаење од доктор на науки за петмина, туку на детето да му остават време да си игра, да се дружи и да ги развива своите таленти. За вистинска работа на себе. Можеби тоа „слабо“ средно училиште му оставило на вашето дете време да научи да шие или да програмира. Да почне да пишува песни или да работи дополнителна работа по училиште. Да видиш како изгледа да имаш работа и да чувствуваш задоволство затоа што сам си заработил џепарлак.

Затоа, не бркајте бројки и поени. Помогнете им на вашите деца да се пронајдат себеси и каков е нивниот талент. Можеби вашиот син ќе биде новиот Џејми Оливер, а вашата ќерка ќе биде светски познат палеонтолог. Можеби ќе биде учителка во училиштето каде што завршила, а можеби одлична медицинска сестра. Важно е изборот да е само нивен. И важно е да се среќни.

И така, ако ги погледнете и видите страв, стрес, напнатост кога се ближи заклучувањето на оценките, знајте дека треба многу нешта да се променат. И почнете сега.

Извор



912

X