Игротека

Моето дете ме моли за милениче, дали вреди да си го ризикувам психичкиот мир?

Моето осумгодишно дете постојано ме моли за куче и почнувам да попуштам. Дел од мене мисли дека било добро друштво, а друг дел се плаши дека ќе ни го уништи животот. Дали миленичињата навистина вредат? Зар не може да земеме златна рипка?

Се сеќавам кога еден Божиќ го добив подарокот за кој молев – желката по име Пинг. Таа имаше солиден живот. Јадеше, пливаше, шеташе низ кујната. Но не можам да кажам дека мојот живот беше значајно подобар благодарение на желката. Или благодарение на зајакот Данделион, или мачката Меи Ли, која мразеше луѓе. Можеби затоа ги гледам миленичињата како непотребен товар.

Често вадејќи се на алергии или недостиг на простор, го избегнував прашањето. Но откако се преселивме во поголема куќа, останав без изговори. Почнав да се прашувам дали нешто ми недостига. Во јануари го зедовме црно-белото маче по име Миднајт. И се заљубив.

Мојот син, кој често е анксиозен, рече дека Миднајт е причината што сега е посмирен. Тој нè зближува, нè теши, а децата го гушкаат кога се тажни. Се сомневам дека со рипка би се постигнало ова.

Пред да го посвоиме мачето, разговарав со многу родители. Некои се против миленичиња. Доволна им е грижата за децата, а и не можат да си дозволат повеќе одговорности. Една мајка жали што зела мачка затоа што мачката е агресивна, а децата сега сакаат куче.

Но повеќето велат дека вреди. Еден пар ја посвоил питбулката Фиби за синот со аутизам. Таа му помогнала да се отвори, да се движи и да се социјализира. За многу деца, миленичињата се како браќа и сестри. Децата учат да сакаат, да се грижат и да го споделуваат вниманието.

Секако, тука е и суровата реалност. Моите деца не помагаат околу Миднајт, иако беа воодушевени на почетокот. Но други родители имаат повеќе среќа, па нивните деца ги шетаат, хранат и чистат по миленичињата.

Да, чини пари, бара простор и време, но миленичето ни донесе прекрасни заеднички моменти, грижа и љубов што не може да се добие од екраните.

Затоа, ако размислуваш за милениче, размисли добро. Може да биде напорно, но може и да донесе радост. Јас денес не можам да си го замислам животот без тие 5 килограми мачешка љубов.

И да, сега сите мирисаме малку на мачка. Ама кога си вљубен, не забележуваш.

Извор

Поврзани написи

To top