Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам син на двегодишна возраст и мислам дека се соочуваме со проблем кој не е за занемарување. Во последно време се соочуваме со сè поизразен страв од други деца, без разлика дали се поголеми или помали. Го повишува тонот, дури и кога му се приближуваат тој веќе се соочува со паника. Друг момент е тоа што кога сме сами и зборуваме, тој споменува и сака да си игра со истите деца од кои се исплашил кога ги видел. Истото се случува и дома и во игротеки.

Сега сакам да го пратам во градинка со цел да се социјализира и да го надмине стравот, но се плашам да не предизвикам контраефект. Многу е приврзан за мене, постојано е залепен до мене и ме бара секогаш кога си игра. Чувствувам некоја несигурност кај него и не ми е јасно од каде потекнува, од 9 месеци го оставам со бабите додека сум на работа, многу често и за спиење останува, не прави проблеми, речиси секој ден сме по паркови, игротеки, се дружиме со деца на негова возраст и поголеми. Ве молам за совет.

Прашува: Цеце

ОДГОВОР: Почитувана мајка, да бидеш родител на двегодишно дете само по себе е многу тешко. Двегодишната возраст е тешка затоа што тогаш детскиот мозок најмногу се развива. Од раѓање до третата година мозокот на вашето дете развива 700 нервни врски (конекции) секоја секунда. Со 700 нови нервни врски во секоја секунда навистина настанува борба во детското размислување.

Детското однесување е водено од емоциите (емоционално однесување), а не од логичкото однесување. Двегодишното дете почесто има нелогично однесување, водено од емоциите цело време. Тоа е нормално и очекувано. Следете ги емоциите на вашето дете, децата сами не можат да ја разберат својата променливост на однесувањето. Тоа само чувствува и сака импулсивно да добие. Кога како родител го прашувате двегодишното дете: „Што е погрешно?“ или „Зошто направи така?“ или „Зошто плачеш?“, тоа продолжува да плаче, да биде тивко, вика или нешто друго.

Двегодишното дете не го знае одговорот за своето однесување бидејќи е базирано на емотивниот импулс, а не на логичност. Тоа не знае што е погрешно, само знае дека има силна потреба да биде или не во контакт со другите.

Наташа Маџевска, психотерапевт

Без разлика колку нелогично или импулсивно е однесувањето на вашето дете, вие само поддржете го во тоа што го прави, чувствува и мисли. Останете смирени и бидете тука за него и за неговите емоции. На пример: „Јас гледам дека не сакаш да играш со другите деца. Во моментов сакаш само да ги гледаш. Ајде заедно ќе ги гледаме“. Потоа како родител чекајте, дозволете да имате време на чекање или дозволете си голема родителска пауза, без брзање, а вашето дете за тоа време ќе размисли. И тоа е моментот на магија. Детето по некое време полека и само одлучува како да развива комуникација со другите. Вклучувањето во комуникација со други деца и непознати возрасни се прави со големо трпение. Однесувањето на вашето дете е развојно и развојно се надминува.
Запишувањето во градинка нема да направи контраефект. На двегодишна возраст адаптацијата во нова средина е од 15 до 30 дена континуирано одење.
Впрочем, и ние возрасните комуницираме со други возрасни по избор.

Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X