Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Моето дете има 4 години и од пред извесно време кај него се појави страв од дожд, ветар, облаци, магла. Веднаш штом ќе забележи промена на временската состојба, почнува да реагира, плаче и се вознемирува. Секако, како родител се обидувам да му објаснам дека тоа е нормално и природно, но еве барем досега без многу успех. Дали можеби би имале некој совет како полесно да се надмине оваа состојба?
Прашува: Ива
ОДГОВОР: Малите деца често знаат да пројават страв и одреден степен на вознемиреност поради временските непогоди, особено доколку тие се проследени со силни и ненадејни звуци, како што се на пример грмотевиците. Рационалните објаснувања дека сето тоа е нормално не секогаш вродуваат со плод кај децата помали од 5 години, едноставно бидејќи способноста за апстрактно размислување сè уште не им е целосно развиена.
Затоа ве советувам да примените поинаква стратегија следниот пат кога ќе се случи вашето дете да се вознемири поради временските непогоди и наместо да му кажувате дека сè е во ред, обидете се да му покажете. Кога ќе забележите дека е вознемирено и уплашено, уважете му ги чувствата и обидете се да го анимирате со некоја смирувачка активност во која и двајцата ќе уживате. Можете да земете големо меко ќебенце и двајцата да се гушнете во него, да читате сликовници или да раскажувате приказни додека невремето не помине. На тој начин му помагате да увиди дека невремето не само што не е толку страшно туку може да биде и убаво искуство и затоа нема зошто да се плаши. Бидете креативни и истражете која активност ќе биде најдобредојдена во тој момент.
Ивана Маринчек, психолог
Едни од моите најдраги сеќавања од детството се сеќавањата на летните бури кога на преспанското крајбрежје поради лошото време често знаеше да снема струја. Тогаш моите родители ќе запалеа свеќи и ќе земеа големи ќебиња во кои сите заедно ќе се замотавме на тремот. Вечерите ги поминувавме слушајќи ги грмотевиците и оценувајќи ги од 1 до 5 според нивната јачина, раскажувајќи приказни, вицеви или смешни случки од времето кога моите родители биле деца. Ден-денес летните грмотевици успеваат да ми измамат насмевка враќајќи ми ги во сеќавање овие прекрасни спомени.
Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com
тел. 078445224
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912