Моето бебе е шефот. Детето има една и пол година и целосна контрола врз мојата сопруга. Тоа одлучува како да ги бара работите, секако, без зборови и ја тера мојата сопруга да скокне. И таа скока. Тој ќе почне да тажи и таа остава сè за види што сака ова „слатко момче“.

Како прво, сето ова е лудо. Бебињата не треба да го водат домаќинството. Второ, повеќе не сум способен да бидам родител – бидејќи таа е толку лудо внимателна што не можам ни да се обидам. И на крај, мојата сопруга не ни знае дека постојам. Цело време е посветена на бебето, а не треба така да биде.

Ова треба да го правиме заедно, а истовремено и понатаму да бидеме свои луѓе и пар покрај бебето. Барем јас така се чувствувам. Ме поддржувате?

Совет:

Ако ти кажам дека нема да те поддржам, веројатно ќе престанеш да читаш. А не сакам да се случи тоа бидејќи ти е потребна поддршка. Но, и не сакам да продолжиш со наративот што си го изградил околу твоето семејство. Јасно е дека огорченоста што ја чувствуваш е токсична, а доколку остане неиспитана и ненасочена, може да ја уништи твојата врска. Дали те поддржувам? Да, но не на начинот на кој сакаш да те поддржам.

Ајде малку да ги разложиме работите. Најпрво, твоето бебе не раководи со куќата. Искрено, тоа е апсурдно обвинување. Тоа би значело дека едногодишно дете има неповолни намери и деспотски желби, а нема затоа што има само една година. Тука нема никаква манипулација.

Но, како најмал и најранлив член на вашето семејство, детето се потпира на возрасните – на тебе и твојата сопруга, за да го одржувате во живот. Кога бебињата не зборуваат, нивните методи на комуникација се груби. Она што за тебе звучи како жалење, всушност е некаква потреба на твоето дете. А ти дефинитивно треба да ги задоволиш неговите потреби. Тоа нема да го разгали детето. Затоа, смири се.

Но, длабоко, знам дека сето ова го знаеш. Речиси и сум сигурен, со оглед на тоа што си возрасен човек, дека не веруваш навистина дека твојот син е главен во твојот дом. Мислам дека ти откри нов начин да ја маскираш сопствената љубомора на блискиот однос меѓу твојата сопруга и вашето дете.

Треба да знаеш дека не постои ништо уникатно со таа љубоморна. Не е невообичаено татковците да се чувствуваат бескорисни во раните години на нивните деца. Овие чувства може да бидат поголеми ако бебето се дои или е со посебни потреби. Овие ситуации предизвикуваат промена во брачните односи и може да доведат до помалку интимност и комуникација. Лесно е да се изгуби правецот на врската со партнерот кога вашето дете е главна тема на разговор и влијае како физичка бариера помеѓу вас.

Треба да разговараш со сопругата за твоите чувства. Не обвинувај ја затоа што премногу се зближила со вашето дете и немој да сугерираш дека ги заборавила твоите потреби и приоритетите во вашата врска. Фокусирај се на еден збор: баланс.

Јас сум сигурен дека твојата сопруга не сака да биде одговорна за сите работи. Замисли колку е стресно тоа. Треба да погледнеш на ситуацијата со малку емпатија и да видиш што навистина прави таа. Што ѝ предизвикува стрес? Пронајди неколку работи што можеш да ги завршиш и потоа дај ѝ предлози, со што ќе ѝ го олесниш животот. Не можеш да очекуваш да бидете брачна двојка која е независна од родителството ако не си подготвен да помогнеш и да направиш простор. Ако ја сакаш интимноста назад, ќе треба да ѝ помогнеш да најде време и место за тоа.

Во право си кога велиш дека треба заедно да го правите тоа. Тоа треба да го правите како тим. Потребни се комуникација и отстапки. Треба да видите дека подигнувањето дете е ваша заедничка цел. А начинот на кој го подигнувате детето првенствено треба да биде така што и двајцата ќе му покажете дека е сакано, поддржувано и безбедно. За да изградиш поддршка и безбедност, треба да најдеш начин да бидеш на иста страна со партнерката. Сигурен сум дека ќе стигнеш таму. Мора да се обидеш.

На крај, не треба јас да ти дадам поддршка. Треба да ја имаш поддршката од твојата сопруга. Тоа значи дека треба да разбереш дека твојот син е бебе на кое му се потребни двајца родители што го сакаат. А таа љубов треба да доаѓа од заемна почит, заемна помош и добра комуникација.

Автор: Патрик А. Колман



912

X